Црквата Св. Петка
Црквата Св. Петка
Црквата Св. Петка

Црквата Св. Петка

Цркви и Манастири 384 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Црквата „Св. Петка“ во Битола е една од најинтересните и најуникатни цркви во Битола и регионот. Изградена е во 80-тите години од минатиот век и се наоѓа меѓу улиците „Кичево“ и „Кочо Палигора“, а во близина на тн. Скопската пивара.
Црквата е позната по својата архитектура, која е некарактеристична за една црковна или било каква верска градба. Имено, архитектот на објектот ги отфрлил старите, традиционални аспекти, елементи и материјали и создал сосема нов, едноставен и на некој начин футуристички стил на изградба на религиозни храмови.
Црквата „Св. Петка“ е изработена во модернистичко-бруталистички стил, со примеси на кубизам и социјалистичка естетика и едноставност. Таа има своја камбанарија и придружен објект на запад. Во изградбата на црквата и камбанаријата забележуваме употреба на бетон и тули. На западната фасада прозорците се изведени со дрвени рамки. Влезната партија е во форма на висок лак и е составен од влезната дрвена врата, тркалезен мозаик и полукружен прозорец. Над влезната врата е поставен тркалезниот мозаик со социјалистичко-модернистичка претстава на Света Параскева – Петка. Покривот е лимен, а нејзината купола е квадратна и е декорирана со пластично изведени кубистички орнаменти.
Црквата има форма на впишан крст во правоаголна основа. Камбанаријата, пак, има основа во форма на крст со еднакви краци.
Внатрешноста на црквата „Св. Петка“ е скромно декорирана. Таа е благо осветлена од тесните правоаголни прозорци со зелено-жолта боја. Четирите столба-носачи на куполата се наоѓаат во центарот на црквата и истите се простираат дури и над самата купола од надворешната страна. На источниот дел се наоѓа олтарот кој е скриен со иконостасот, а наместо со фрески, ѕидовите се декорирани со неколку икони.
Овој објект, иако не е во центарот на градот, сепак е често посетуван од верници, црковни лица, а особено од архитекти кај кои црквата предизвикува особено внимание. Како и секој друг верски објект, црквата најголема посетеност доживува на денот на нејзиниот патрон Света Параскева, односно Света Петка.
Сподели: Facebook Twitter