Митрополијата
Митрополијата
Митрополијата
Митрополијата

Митрополијата

Знаменитости 398 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Објектот на Митрополијата во Битола денес претставува седиште на Преспанско – Пелагониската Епархија на Македонската Православна Црква. Се наоѓа на улицата „Влатко Миленкоски“ бр. 55, во близина на црквата Св. Богородица. Овој објект е еден од најубавите примероци на необарокната архитектура во Македонија.
Објектот на Митрополијата во Битола, благодарејќи на своите историски и архитектонско-естетски вредности, претставува дел од културното наследство на Македонија. Изграден бил во првите години на XX век како Егзархиска Митрополија, во која се менувале, во зависност од политичките состојби, бугарски и српски митрополити и владици. По Втората светска војна, објектот станал седиште на Преспанско – Пелагониската Епархија.
Митрополијата била изградена од локални мајстори. Интересно е тоа што, иако нејзините раскошни релјефи се изработени во гипс, тие биле работени по принциппот на копаничарството и дрворезот. Поради тоа таа спаѓа во една од ретките вака украсувани објекти воопшто. Секој кат од Митрополијата на фасадата има фризови со различна содржина и значење.
Релјефните фасадни декорации се најчесто составени од христијански симболи: винова лоза, цветови и стебленца испреплетени во вид на крстови, како и одредени букви во вид на цветови. Во внатрешноста на зградата на битолската Митрополија е зачуван посебен македонски барок, достоен да се проучува како локална градителска и стилска традиција. Мебелот бил изработен од копаничарот Нестор Алексиев Мирчевски, кој бил познат како „Микеланџело на македонската резба“.
Објектот на Митрополијата е составен од подрум, два ката и поткровје. Поткровјето е составено од параклис посветен на Св. вмч. Георгиј Победоносец и две простории кои имаат музејска намена. Митрополијата поседува и библиотека, „Св. Јован Богослов“, со фонд од 20.000 книги и списанија. Во објектот се сместени и митрополитските канцеларии и митрополитската капела, која поседува и делови од светите мошти на Свети Климент Охридски, Свети Агатангел Битолски и Света Февронија.
Митрополијата во минатото била посетена од значајни личности како Александар I Караѓорѓевиќ и Јосиф Цвијовиќ, како и двајца светци кои ја користеле како своја резиденција: Св. Платон Бањалучки и Св. Николај Жички и Охридски.
Сподели: Facebook Twitter