Куќата на Петар Мачкиќ
Куќата на Петар Мачкиќ
Куќата на Петар Мачкиќ

Куќата на Петар Мачкиќ

Градска Прошетка 336 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Петар Мачкиќ е уште едно творештво во стилот арт деко во Битола. Објектот е познат по релјефот „Девојката со гитара“, изработен од познатиот хрватски скулптор Иван Мештровиќ, а градбата е проектирана од чешкиот архитект Јан Дубови. Куќата се наоѓа на улица „Кичево“ бр. 24, односно тоа е градбата со големиот двор што се простира меѓу улиците „Кичево“ и „Дрвар“.
Проектантот на куќата, Јан Дубови, бил роден во Лажице, Чешка, во 1892 година. Дипломирал во Прага во 1916 година и се вработил во градежно претпријатие во истиот град. По завршувањето на Првата светска војна се вработил како општински архитект-урбанист во Белград. Во 1928 година ја основал Групата архитекти на модерниот правец. Во периодот меѓу 1929 и 1934 година проектирал голем број објекти. Еден од позначајните негови дела од тој период е Опсерваторијата на Ѕвездара во Белград. Во 1934 година се преселил во Битола каде што проектирал неколку градби со станбен и општествен карактер. По ослободувањето се вработил во Архитектонското одделение при Министерството за градежништво во Скопје. Починал во 1975 година во Храдец Кралове, Чешка. Од позначајните негови планирања кои ги остварил во Битола се: објектот на Основното училиште „Вук Караџиќ“ (денешно „Стив Наумов“), Рускиот крст, црквата кај Буковските гробишта, некогашниот планинарски дом „Бегова чешма“ и др.
Релјефот-лунета „Девојката со гитара“, поставена над влезната врата на куќата, била изработена од Иван Мештровиќ. Тој бил роден во 1883 година во Врпоље, Хрватска. Во 1901 година заминал на школување на академијата во Виена. Во неговото формирање како скулптор силно влијаел сецесионистичкиот стил, чие движење доминирало во Виена. Се запознал со Огист Роден и покажал голем интерес за европската, староегипетската и асирската скулптура. Кон крајот на 1907 година отишол во Париз и по Првата светска војна започнал со моделирање на бројни варијанти на тема „Жената со музички инструмент“. Од 1923 до 1942 година бил ректор на загрепската Академија на ликовната уметност и од овој период познати му се скулптурите „Жената со виолина“, „Контемплација“, „Мајката што го заветува детето“ и др. Починал во Америка во 1969 година.
Човекот кој живеел во овој објект, пак, бил Петар Мачкиќ. Тој бил познат битолски културен активист и директор на Музејот во 50-тите години. Мачкиќ како подарок за Битола ги поставил бетонските огради кои сѐ уште го красат Детскиот парк кај градското шеталиште.
Овој објект низ годините се користел како детска градинка, избирачко место и седиште на Детското летувалиште, а денес е целосно напуштен.
Сподели: Facebook Twitter