Куќата на Чока
Куќата на Чока
Куќата на Чока

Куќата на Чока

Градска Прошетка 365 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Чока е огромниот раскошен објект кој се наоѓа во близина на црквата Света Богородица и веднаш зад Гимназијата „Таки Даскало“. Куќата била изградена во втората половина на 19 век и претставува хибрид од архитектонски стилови од тој период.
Во оваа куќа живеело семејството Чока, за кое не се знае точно дали било со грчка или прогрчко-влашка ориентација. Кога почнала Втората светска војна, поради неговите прогрчки ставови, семејството било протерано од бугарската војска. Семејството заминало во Грција и никогаш не се вратило во Битола. За време на окупацијата, во градбата била сместена бугарската полициска станица, а потоа и Бугарското комесарство. Комесарството била општинска институција која работела на попис и рационализација на основните продукти за населението. Во оваа градба, биле издавани документи и бонови за брашно, леб, сол, месо, масло, текстил и облека што се распределувале по строго утврдени мерки.
По ослободувањето, градбата била национализирана и во неа биле сместени неколку семејства. Денес во градбата живеат неколку сиромашни социјално загрозени семејства кои не поседуваат средства за грижа и одржување на објектот.
Куќата на Чока се состои од високо приземје, два ката и подрум. Градбата од архитектонски аспект е многу интересна. На прв поглед се забележуваат барокните влијанија во обликувањето и декорирањето на фасадата. Меѓутоа, горните крајни делови на фасадата се составени од волути со елипсовидни прозори, кои потсетуваат на италијанската ренесанса. Во градбата се забележуваат и елементи на медитеранскиот стилски комплекс и елементи од поствизантиската црковна архитектура.
Ваквиот сложен архитектонски систем го гради организираната и богата структура составена од прозорски декоративни рамки, украсени со полукружни и триаголни тимпани, потоа аплицираната рустична обработка на вертикалните пиластри, нагласеното цокле и посебно обработениот горен дел со фронтон и волутни краеви. Покрај рустичноста на фасадната обработка, авторот обрнал огромно внимание на деталите од внатрешната столарија. Во внатрешноста на куќата посебно се издвојува дрвеното комуникационо јадро, односно дрвените скали, кои се изработени со различна катна висина и различна композиција на скалила на секој кат.
Сподели: Facebook Twitter