Битолскиот чинар е најголемото дрво во Битола и едно од најстарите дрвја во цела Македонија. Се наоѓа на улица „Димитар Влахов“ на битолскиот Баир, веднаш до Иса Факих Џамија и во близина на Амамот на Ќерим-бег и ОУ „Ѓорѓи Сугарев“.
Според една легенда, дрвото е старо околу шест века и го симболизира времето кога Битола паднала под османлиска власт. Се верува дека тогаш дрвото го посадила некоја затвореничка од битолскиот женски затвор, кој се наоѓал на ова место, а бил изграден од Османлиите неколку години по нивното освојување на градот.
Според други претпоставки, чинарот бил посаден во 1505-1506 година, паралелно со изградбата на Иса Факих Џамија, која исто така се нарекувала и Чинар Муфти Џамија. Дрвото било посадено од страна на Османлиите како симбол на сонот на Осман. Имено, поврзаноста на Османлиите со дрвото чинар, најсликовито се објаснува со приказната за Сонот на Осман. Пронаоѓачот и првиот владетел на османлиската држава, Осман I, сонил сон во којшто од неговиот папок израснал чинар. Кога Осман отишол кај свештеникот Едебали од Согут за да му го протолкува сонот, тој му кажал дека чинарот ја означува неговата моќ и раѓањето на Османлиската Империја. Коренот го претставувал Осман, како прв владетел, а огромната крошна со бејзброј гранки ги претставувале сите идни султани на империјата.
Чинар (лат: Platanus orientalis) е дрво кое може да достигне висина до 40 метри, со дебелина на стеблото до 3 метри. Цвета во месец април и неговите цутови се собрани во соцутија, наредени во машки и женски околу оски. По цутењето машките соцутија се сушат и паѓаат, а женските се развиваат во топчести плодови кои узреваат на есен.
Битолскиот чинар, исто така, има дијаметар на стеблото кое изнесува околу 3 метри, а неговата височина е отприлика 35 метри. Неговата разлистана крошна знае да достигне дијаметар и до 30 метри. Во 1996 година дрвото беше прогласено за природна реткост.
Чинарот со години е одгледуван од страна на луѓето кои живеат покрај него. Во неколку наврати дури и го спасиле од пожар и од пресушување. Меѓутоа, животот во негова близина е опасен, имајќи ја предвид неговата масивност и штетата која може да ја направи ако нешто му се случи на дрвото. Во 2004 година чинарот беше реставриран и конзервиран, но денес попуштиле заштитните материјали и неговото стебло е пукнато.