Амамот на Ќерим Бег
Амамот на Ќерим Бег
Амамот на Ќерим Бег

Амамот на Ќерим Бег

Градска Прошетка 345 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Амамот на Ќерим-бег е турска бања која се наоѓа на аголот каде што се поврзуваат улиците „Јане Сандански“ и „Димитар Влахов“. Амамот е наспроти ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, на чие место постоело „Катиљхането“, односно главниот битолски затвор. Во близина на амамот се наоѓаат и Иса Факих Џамија и битолскиот Чинар.
Ќеримбеговиот Амам првпат се спомнува уште во XVII век, во патописите на Евлија Челебија. Меѓутоа, не ни е познато кога точно бил изграден. Впрочем, се смета дека можеби овој објект е најстариот амам во Битола или пак најстариот сѐ уште постоечки амам во градот.
Амамот на Ќерим-бег бил снабдуван со вода од месноста наречена „Крива Воденица“. Оттаму, преку посебен систем од керамички цевки, се црпела и се носела водата од реката Драгор во дворот на амамот. Таму се наоѓал ќуљанот или ложиштето во кое се загревала водата со големи корења од дрва и така загреана продолжувала во бањата. Таа потоа се истурала внатре во амамот, во сановите, коритата и во базените. Посетителите, со посебни чингени садови, наречени тасови, црпеле од топлата вода и ја истураа низ телата. Околу коритата биле поставени мермерни плочи на кои посетителите одмарале и добивале масажа. Бањата во својот систем имала и подно греење.
Ќеримбеговиот Амам активно се користел и во XX век. Нејзин последен сопственик бил Евреинот Пепо Маламати, кој го купил објектот од некој Турчин. Меѓутоа, за време на Втората светска војна, Пепо со својата фамилија биле депортирани во Треблинка. Амамот по ослободувањето станува државна сопственост и продолжил активно да се употребува сѐ до 70-тите години од минатиот век, кога бил напуштен објектот.
Градските амами долго време претставувале симбол на заедничкото живеење на различните народи и култури во Битола. Во овој амам најчесто одмарале и се дружеле жени, од кои најмногу го користеле Еврејките. Амамот на Ќерим-бег било место каде луѓето ја одржувале својата хигиена, се дружеле, пееле, свиреле и уживале.
Сподели: Facebook Twitter