Резиденцијата на султанот Решад V
Резиденцијата на султанот Решад V
Резиденцијата на султанот Решад V
Резиденцијата на султанот Решад V

Резиденцијата на султанот Решад V

Градска Прошетка 373 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Една од главните улици во Битола каде живееле богатите аги и бегови бил денешниот булевар „Први мај“. Поради свежината и чистиот воздух од Баба Планина кои ги носела реката Драгор, битолските богаташи често ги граделе своите резиденции токму покрај неа. Така бил изграден и овој објект, кој станал познат како Резиденцијата на османлискиот султан Мехмед V Решад.
Овој објект бил изграден на почетокот на XX век, на левата страна на реката Драгор. На почетокот бил бегова куќа, а потоа бил преправен во резиденција по желба на големиот султан Решад при неговата посета на Битола во 1911 година. Градежните работи во овој импозантен објект биле долготрајни, и покрај тоа што султановиот престој во Битола бил краток. Се претпоставува дека самата градба била изградена по порачка и желба на султанот и е слична како таа која ја имал во Истанбул.
Султанот Мехмед V Решад бил поставен на чело на Османлиската Империја по победата на Младотурската револуција во 1908 година. Тој владеел до 1918 година и бил претпоследниот турски султан. Во 1911 година тргнал во посета на најодалечените европски краеви на своето царство и при оваа своја обиколка ги посетил Битола и Солун. Браќата Манаки со нивната камера ја имаат овековечено посетата на султанот Решад во Битола. Филмот на браќата е во времетраење од 16 минути и е снимен без звук, во црно бела техника на 35 милиметарска лента.
Оваа зграда е пример за еклектична и неоренесансна архитектура. Декорациите на фасадата се особено збогатени со аголни врски, отвори, картуши, венци, надополнети со богати орнаменти од керамика со цветни мотиви. На северната страна има мала градба која некогаш била мал амам, а до него се наоѓал и харем. Внатрешноста на објектот ден- денес не е многу видоизменета. Орнаментите на прозорците, вратите, дрвените таваници, како и распоредот на собите се сѐ уште автентични. Објектот моментално е заштитен како споменик на културата во Македонија.
Во зградата некогаш била сместена и Општината, како и Историскиот архив на Битола. Од основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во 1979 година, објектот станал седиште на Ректоратот и како таков се користи и ден денес.
Сподели: Facebook Twitter