Куќата на семејството Јажеви се наоѓа покрај реката Драгор, наспроти објектот на Општина Битола. Во неа некогаш живеело турско семејство кое ја имало ставено градбата на продажба. Димитрија Спиро Трипков прв ја купил куќата, а од него, пак, ја купил Ванѓел Јажев.
Ванѓел Јажев бил роден во Крушево во 1875 година. Потекнувал од семејство Мијаци, кое се доселило од Мала Река, во крушевското село Бирино, па од Бирино дошло во Крушево. Неговиот татко бил кројач и од него Ванѓел го наследил кројачкиот занает.
За време на Илинденското востание во 1903 година, Вангел избегал во Солун каде што се вработил во фирмата на некој Евреин. Преку него тој нашол работа во Париз и заминал таму. Работел во фирма за изработка на облека. Тој таму дури и имал свој печат со свое име и професија – „Vanghiel Tailleur“ („Вангел Кројач“). Откако стекнал углед како добар и вреден мајстор, фирмата го испратила во Јужна Америка, во градот Арекипа во Перу, да ја рекламира и да го рашири кројачкиот бизнис.
Во 1917 година Вангел купил куќа во Арекипа, но три години подоцна, откако заработил доволно пари, одлучил да да ја напушти Јужна Америка. Во своето родно место Крушево, се вратил во 1920 година. Наредната година тој се оженил за младата битолчанка Поликсена Ивановиќ и заедно со неа живееле во Битола, во куќа на Широк сокак.
Во 20-тите години од минатиот век, Вангел Јажев се откажал од кројачкиот занает и почнал да се занимава со трговија со волна и со издавање куќи. Во 1927 година тој купил имот во селото Брусник, каде изградил влачарница за обработка и продажба на волна. Ванѓел купувал волна од Западна Македонија и од Мариово и во влачарницата произведувал черги и ќилими кои потоа ги продавал во Битола и на други места.
Од парите кои ги собрал од својот бизнис, пак, во 1930 година ја купил куќата покрај реката Драгор, што сега го носи неговото име. Потоа ги откупил сите соседни плацеви и објекти околу главната куќа и ги користел за издавање. Во неговата нова куќа, Ванѓел Јажев со својата фамилија живеел до Втората светска војна. По ослободувањето куќата била национализирана и дури во 2020 година им е вратена на вистинските сопственици.
Турското потекло на куќата е нагласено заради нејзината усогласена убавина и карактеристична естетика. Таа е изградена врз длабока и цврста камена подлога, со полни цигли и силно врзивно средство слично на денешниот малтер. Во нејзината градба употребено е обработено квалитетно дрво на таванот, скалите и подовите, како и сите други вертикали и хоризонтали – поврзани во еден понов вид на бондрук систем.