Коџа Кади Џамија
Коџа Кади Џамија
Коџа Кади Џамија

Коџа Кади Џамија

Градска Прошетка 333 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Коџа Ахмед Ефенди Џамија, скратено позната како Коџа Кади Џамија, се наоѓа на улицата „Кузман Јосифовски – Питу“ бр. 30, во близина на Јени Амам и Дрвен пазар. Таа била дел од некогашен џамиски комплекс, веројатно заедно со Јени Амамот и објектот на улица „Страшо Пинџур“ бр. 3.
Џамијата била изградена во 1529 година од страна на судијата Ахмед Ефенди. Скромната џамиска градба е со правоаголен молитвен простор од 8,80 метри на 8,50 метри и со покрив на две води. Нејзиниот влез се наоѓа на северозападната страна, а на југозападната има не толку високо полигонално минаре. Како и повеќето џамии во Битола, изградена е во „опус клоазоне“.
Минарето е изработено од правилно делкани камени блокови. Нејзиното шерефе е обликувано со полна тула и е декорирано со сталактитна пластика. Денес недостасува конусниот врв на минарето.
Констатирано е ѕидно сликарство кај влезот на северозападната фасада, како и околу прозорските отвори во молитвениот простор. Внатрешноста била скоро целосно уништена во XX век, кога Коџа Кади се користела како магацин. Останати се само делови од сталактитниот михраб и дрвениот таван. Неодамна, од страна на археолози беше откриен многу добро зачуван под од шестаголни тули.
Под влезот на Коџа Кади Џамијата, археолозите открија и делови од конструкција, кои би можеле да претставуваат темели на некогашен трем. Во близина на џамијата беа откриени и мермерни плочи со натписи, за кои се докажа дека се надгробни плочи. Имено, џамијата имала и свои гробишта, кои се наоѓале југозападно од неа. Тука биле погребани неколку учени локални суфи дервиши. Меѓу нив се спомнуваат Ефгани Мехмед-ефенди, Хаџи Ибрахим-ефенди, Хафиз Али и др. Најверојатно и оваа џамија, исто како и Амзабеговата, некогаш служела како свето место на суфиски муслимани.
Коџа Кади Џамија низ историјата имала три фази на постоење. Првата траела од нејзината градба до XIX век, односно периодот на нејзиното активно користење. Втората фаза кореспондира со крајот на XIX или почетокот на XX век, период кога била реновирана џамијата и кога бил поставен подот од шестаголни тули. И третата фаза датира од почетокот на XX век до денес, кога џамијата била напуштена како верски објект и се користела како станбен објект и магацин.
Коџа Ахмед Ефенди Џамија е препознатлива по своите скромни димензии и истата ги поседува карактеристиките на битолските џамии во духот на класичниот стил на отоманската архитектура.
Сподели: Facebook Twitter