Јени Амам
Јени Амам
Јени Амам

Јени Амам

Градска Прошетка 348 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Јени Амам е една од неколкуте турски бањи во Битола. За него, како и за многу други објекти од профаната исламска архитектура во градот, не постојат податоци од историски извори или било какви други пишани документи, или пак натписи на самиот објект.
Името Јени Амам го добил бидејќи бил еден од поновите, ако не и последен амам во Битола (yeni – тур. значи нов; hamam – бања; во превод Нова бања). Се претпоставува дека Јени Амамот бил изграден во XVII век или во почетокот на XVIII век, тогаш кога Битола е во економски расцут. Се користел до првата половина на XX век кога секоја куќа добила спроведена вода.
Tурската бања е варијанта на парна бања, сауна или Руска бања. Секој амам содржи пет групи простории: шадрван (гардероба) со квадратна основа, капалук (дел за адаптација) со правоаголни основи, халвет (простор за капење) кој претставува квадратен простор на кој може да се надоврзат повеќе мали простории, хазна (резервоар за вода) и ќулхан (ложиште). Во халветот, по обемните ѕидови се изградени камени банкини и камени корита – курни. Амамите се граделе од камен и тули, со куполи и сводови. Осветлувањето е зенитално, а затоплувањето е подно и преку ѕидовите. Внатрешноста била украсувана со декоративна пластика, главно, во тромпите, во лаците и во горните ѕидни партии. Aмамите можеле да бидат едноделни или двојни, т.н. чифте амами, со посебни делови за жени и за мажи.
Јени Амам се наоѓа на десната страна на реката Драгор во Битола, на местото познато како „Дрвен Пазар“. На овој простор живеело претежно турско население и во негова близина имало турско училиште, кое денес не постои.
Амамот бил изграден од камења поврзани со малтер и имал пет (а можно е и повеќе) куполи. Куполите биле изработени од камен, тули и малтер и секоја од нив има цилиндрична форма. Тие имаат отвори низ кои влегува светлина во амамот. Отворите имаат тркалезни, шестаголни и ѕвездести форми. Во внатрешноста амамот е скромно декориран. Застапени се релјефни декорации во тромпите и ѕидните лаци, а на дел од ѕидовите е зачувана нивната црвена боја. Најголемиот дел од долните партии на ѕидовите во внатрешноста на амамот е уништен.
Денес Јени Амамот е во многу лоша состојба. И покрај тоа што дел од него е урнат и уништени се внатрешните уреди за загревање, амамот сѐ уште е сведок на дружењето и забавувувањето на битолчани, нивното опуштање и грижа за својата лична хигиена и здравје.
Сподели: Facebook Twitter