Влашкото училиште
Влашкото училиште
Влашкото училиште

Влашкото училиште

Градска Прошетка 378 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Влашкото училиште е објектот кој денес е попознат како Турското училиште. Градбата е позната по тоа што неколку пати ги сменала своите сопственици и својата дејност. Се наоѓа на аголот каде што се спојуваат улиците „Јорго Османо“ и „Белградска“.
Во 60-тите години на 19 век во Букурешт, Романија, се појавиле Комитетот за национална романска пропаганда и Македонско-романскиот комитет. На сличен начин на кој делувале Грчката патријаршија, Бугарската егзархија и Српската православна црква врз македонското население, така делувале и Грчката патријаршија и Романските комитети врз влашкото население во Македонија. Имено, според романските пропагандисти, Власите и Романците биле еден народ. Тие дејствувале кон асимилација на влашкото население и се бореле против Грчката патријаршија, која, пак, имала цел да докаже дека Власите имаат грчко потекло.
За тие цели, романските комитети почнале да организираат отварање на „влашки“ училишта во местата со поголема влашка популација на Балканот. Во Битолскиот вилает, на почетокот, биле отварани училишта во селата Трново, Гопеш, Маловиште, Нижеполе и Магарево, а потоа се појавиле и првите романски училишта во градот. Едно од тие училишта била и Влашката гимназија, која ја изградиле романските пропагандисти во 1880 година. Во рамките на Гимназијата бил отворен и интернат во кој учениците добивале бесплатен стан и храна. Сето тоа било организирано за да се привлече и за да се придобие влашкото население.
Кога Романското училиште не покажало доволно успеси во асимилацијата на Власите, Кралството Романија одлучило да отвори свој конзулат во Битола. Своето прво дипломатско претставништво Романија го отворила во 1892 година, а прв нејзин претставник бил Спиру Константинеску. Романската дипломатија, исто како и Влашката гимназија (тогаш позната како Романскиот лицеј) имала задача да врши национална пропаганда. На почетокот на 20 век, во објектот на Влашкото училиште бил сместен и Романскиот конзулат. Се смета дека Конзулатот и Лицејот функционирале истовремено во овој објект. Како и да е, и двата престанале со работа во 1913 година.
Во 1932 година, градбата била евидентирана како станбен објект, додека пак во 1939 година била во сопственост на Охридско-битолската епархија. По Втората светска војна, Влашкото училиште ѝ припаднало на државата и во 1972 година во него се отворило ОУ „Никола Тесла“. Во 1977 година тоа училиште било укинато и објектот станал дел од ОУ „Гоце Делчев“, во кое биле сместени класовите во кои наставата се одвива на турски и албански јазик. Поради тоа, денес овој објект е познат како Турското училиште.
Сподели: Facebook Twitter