Куќата на Хаџи-Коста
Куќата на Хаџи-Коста
Куќата на Хаџи-Коста

Куќата на Хаџи-Коста

Градска Прошетка 670 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на семејството Хаџи-Коста се наоѓа во центарот на Влашкото маало во Битола. Изградена е во барокен стил со лиена фасада, направена од врвни виенски мајстори со помош на посебна техника со дрвени калапи и орнаменти, набавени од Солун. Куќата е една од најраскошните градби во Битола, со карактеристична жолта боја и богато украсен двор.
Семејството што ја изградило оваа куќа потекнува од Москополе, Албанија. Впрочем, семејството Хаџи-Коста е едно од оние влашки семејства кои го напуштиле своето родно место заради зулумите на Али-паша Јанински. Тие најпрвин се населиле во селото Гопеш, каде Наум Хаџи-Коста подарил икона во тамошната црква во 1848 година. Во 50-тите години на 19 век, кога Битола станала центар на Румелискиот вилает, семејството од Гопеш дошло во Битола. Наум купил имот во близина на црквата Свети Димитрија, а неговиот син Александро ја изградил оваа резиденција од 1906 до 1909 година.
Како богато семејство, Хаџи-Коста, поседувало неколку имоти. Тоа имало земја кај денешното ОУ „Стив Наумов“: дуќани во Пекмез пазар и други имоти околу црквата Свети Димитрија. Хаџи-Коста се занимавале со продажба на жито, брашно и други стоки, а Александро отворил и агенција за прекуокеански патувања. Користејќи ги своите трговски контакти, тој почнал да посредува за работа во Америка во агенцијата што ја отворил на Широк сокак, од левата страна на Католичката црква.
Хаџи-Коста се познати како едни од првите битолчани што купиле и возеле автомобил. Тие поседувале форд, т-модел, а подоцна ја отвориле и првата автомеханичарска работилница во Битола. Семејството е толку богато, што Александро, за себе и за својата сопруга Магдалена, успеал да обезбеди билети за првото патување со бродот „Титаник“. Не се знае зошто, за среќа, тие не заминале на тој пат.
Во 1920-тите години, Александро го проширил семејниот бизнис. Купил дел од зграда покрај самиот кеј во Солун и се занимавал со трговија на моторни возила и авто-делови. Меѓутоа, поради Светската економска криза, Александро паднал во долгови и бил принуден да продаде голем дел од својот имот.
Во нивната куќа, по Првата светска војна, била сместена Грчката патријаршија, а на крајот на Втората светска војна, куќата станала штаб на ОЗНА. По слободувањето, куќата на Хаџи-Коста била национализирана. Во неа биле населени офицери и други воени лица на ЈНА со своите семејства. Меѓутоа, до крајот на 50-тите години, куќата повторно се нашла во сопственост на семејството Хаџи-Коста.
Сподели: Facebook Twitter