Амамот кај Каваци
Амамот кај Каваци
Амамот кај Каваци

Амамот кај Каваци

Градска Прошетка 355 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Амамот кај Каваци, познат и како Бањата на Ремзи, била турска бања која се наоѓала покрај реката Драгор, на местото каде денес се поврзуваат улицата „Ванѓел Мајоро“ и булеварот „Први мај“. Денес на тоа место се наоѓа некогашниот објект на „Раде Кончар“, во кој сега се сместени неколку дуќанчиња и автоперална.
Амамот името го добил по местото Каваци кое се наоѓало во близина. Каваци на турски значи тополи и местото кое го носело тоа име било обраснато со тополи и други дрвја кои виселе над реката Драгор. Тука врвела и некогашната Дембел чаршија, a на кејот имало кафеани и ресторани. Кај Каваците често доаѓал познатиот Мустафа Ќемал Ататурк кој тука уживал во своето кафе.
Како и секој турски амам во градот, така и овој имал свој шадрван (гардероба), капалук (дел за адаптација), халвет (простор за капење), хазна (резервоар за вода) и ќулхан или ќуљан (ложиште). Над ходникот со шадрван, овој амам имал чардаци. Во халветот, биле изградени камени банкини и камени корита наречени курни. Амамите се граделе од камен и тули, со куполи и сводови. Внатрешноста била украсувана со декоративна пластика, главно, во тромпите, во лаците и во горните ѕидни партии. Бањата имала централен систем на греење на вода. Aмамите можеле да бидат едноделни или двојни, т.н. чифте амами, со посебни делови за жени и за мажи.
Кога бил изграден Амамот кај Каваци точно не знаеме, но знаеме дека негови последни сопственици биле Мефаил Насуфи и неговиот син Ремзи. Поради тоа амамот е познат и како Бањата на Ремзи. Овој објект се јавува и како Амамот на Аќиф Бањаро, но немаме податоци кој бил Аќиф и дали бил некако поврзан со семејството Насуфи.
Последниот сопственик на бањата, Ремзи Насуфи, бил партизан и учесник на Сремскиот фронт за време на Втората светска војна. По ослободувањето бил учител по математика во неколку училишта во Битола, а предавал и во албанските училишта во околината на градот. Ремзи Насуфи, исто така, бил и фудбалер и еден од најпознатите фудбалски судии во Битола.
Фамилијата Насуфи го напуштила овој објект во 1959 година и набрзо потоа амамот беше срушен при изградбата на булеварот „Први мај“. Од некогашниот Амам кај Каваци останале само еден мијалник и шадрванот, кои ден-денес се зачувани и можат да се забележат во Зоолошката градина.
Сподели: Facebook Twitter