Споменикот кај Црн Мост
Споменикот кај Црн Мост
Споменикот кај Црн Мост

Споменикот кај Црн Мост

Градска Прошетка 363 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Споменикот на жртвите и теророт над поранешните политички затвореници во Битолските затвори е сместен во близина на Црн мост и реката Драгор. На местото на денешниот уреден парк, за време на Втората светска војна се наоѓал Обласниот централен затвор. Затворот бил отворен во јули 1942 година и во него биле затворани политички затвореници од југозападна Македонија. Од 250 затвореници, 50 биле осудени на смрт со бесење, 20 на доживотна затворска казна, а останатите со строг затвор до 20 години. На 6 септември 1942 година, дел од затворениците успеале да побегнат, по што се упатиле во различни правци приклучувајќи се кон партизанското движење.
Најпрво, објектот на Обласниот централен затвор од 1903-1918 година претставувал конак на Зекирија-паша. Во 1918 година конакот го наследил Кенан Зија-бег, но поради притисоците од тогашната српска власт, тој бил принуден да го продаде. Како затвор профункционирал во 1942 година. Тогаш објектот бил обграден со висок ѕид со бодликава жица, а поткровјата биле пренаменети во стражарници. Во внатрешноста собите станале ќелии и простории за извршување смртни пресуди.
За време на постоењето на Обласниот централен затвор, во ќелиите функционирал Затворски комитет на комунистите, кои од средината на 1944 година формирале и Затворски воен штаб. Штабот бил ангажиран околу подготовки на бегството на политичките затвореници. Комунистите, и покрај измачувањата кои ги доживувале во ќелиите, успеале да издаваат и повремен затворски весник. Во затворот излегле три броја на илегалниот весник „Наш пат“. Соочени со поразот на фашистичката власт, Управата на затворот, три дена пред капитулацијата на фашистичка Бугарија, била принудена да дозволи да се отворат затворските порти. Тогаш, околу 120 политички затвореници биле ослободени од него. По бегството од затворот, сите политички затвореници успешно се вклучиле во завршните операции на македонската војска за конечно ослободување на Македонија од фашистичка окупација.
По Втората светска војна Обласниот централен затвор бил срушен и на негово место бил изграден споменикот на жртвите и теророт над бившите политички затвореници во битолските затвори.
Сподели: Facebook Twitter