Објектот на битолската поранешна „Народна банка“, позната и како „Трезорот“, се наоѓа покрај реката Драгор, на булеварот „Први Мај“ бр. 53. Градбата посебно се истакнува благодарение на нејзиниот карактеристичен архитектонски стил, кој претставува комбинација на неокласицизам и академизам.
Објектот бил проектиран во 1930 година, а изграден во 1932 година. Негов автор е еден од најпознатите архитекти на своето време, Богдан Несторовиќ, кој ги проектирал и скопската „Народна банка“, денешното „Народно собрание“ и други објекти од посебно значење. За градежен изведувач бил ангажиран и битолчанецот Григорие Ташковиќ.
Богдан Несторовиќ бил роден во Белград во 1901 година. Дипломирал на архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Белград во 1923 година. По дипломирањето бил на усовршување две години во уметничкото училиште „Екол де Бозар“ („École des Beaux-Arts“) во Париз од 1923 до 1925 година. Се вработил во архитектонското биро „Архитект“ каде што останал на работа до 1930 година. Од 1930 година до пензионирањето, бил наставник на Архитектонскиот факултет во Белград, каде што го предавал предметот Проектирање на станбени згради и науката за стиловите. Оставил обемни научно-истражувачки трудови, посебно во областа на историјата на архитектурата и домувањето. Се јавува и како автор на поголем број станбени и општествени објекти. Во архитектонското обликување, Несторовиќ посебно ги ценел културно-историските споменици од непосредната околина на градот кои биле во неокласичен дух, па својата инспирација ја гледал и во актуелната уметничка сецесија на своето време, прифаќајќи го стилот на академизмот. Починал во својот роден град, во 1975 година, на 74-годишна возраст.
Објектот бил изграден со визбени простории, приземје, кат и поткровје, при што приземјето требало да биде наменето исклучиво за банкарска дејност.
Од 2006 година објектот работи како Бугарски конзулат. Првиот Бугарски конзулат во Битола бил отворен во 1897 година во друг објект кој се наоѓа на аголот каде што се поврзуваат улиците „Јорго Османо“ и „Славко Лумбарко“, веднаш наспроти куќата на Хаџи-Коста. Прв бугарски конзул бил Никола Стојчев и стариот Бугарски конзулат работел до 1912 година.