Објектот во кој е сместена гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола е споменик на културата на Р.С. Македонија. Со својата богата фасадна декорација, овој објект е еден од најрепрезентативните примери на јавни монументални градби не само во Битола, туку и на територија на цела Македонија. Гимназијата се наоѓа на булеварот „Први мај“, во близина на некогашната битолска „Народна банка“, Резиденцијата на султанот Решад V и Музејот на албанската азбука.
Објектот бил изграден во 1882 година, за време на Османлиската империја, како приватна куќа на Сали-паша, богат земјопоседник. Покасно, објектот го купила Општината која го доградила и го претворила во прогимназија „Руждие“, а од 1896 до 1912 година станала полна гимназија „Идадие“. Наставата се изведувала на турски јазик и тука учеле исклучиво машки деца, и тоа од побогатите турски семејства во градот. За потребите на гимназијата биле носени професори од Солун.
По Балканските војни, односно од 1912 до 1941 година, наставата се одвивала на српски јазик. Oд 1936 година, под раководство на Комунистичката партија на Југославија, гимназијата станала расадник за нови идеи кои требало да се спроведат преку организираната комунистичка младина СКОЈ. За време на бугарската окупација во Втората светска војна, во гимназијата се предавало на бугарски јазик.
Гимназијата има особено место во историјата на македонскиот народ, поради тоа што таа е првото средно училиште во кое започнала настава на македонски јазик. Тоа се случило на 6. февруари 1945, само неколку месеци пред крајот на Втората светска војна. По Војната, Гимназијата го добила името „Гоце Делчев”, кое во 1952 година било променето во „Јосип Броз Тито”, име кое го носи и денес. До денешен ден низ гимназијата поминале голем број на ученици кои значително придонесоа за поновата историја на македонскиот народ.
Објектот е составен од приземје, подрум и два ката. Има богато декорирана фасада, украсена со пиластри со капители, розети, профилација околу прозорите и слично. Десно од самиот објект поставен е споменик во чест на Народноослободителната борба.