Со зголемувањето на бројот на османлиски војници во градот се зголемила и потребата за услови во кои тие ќе ја одржуваат својата хигиена и здравје. Затоа властите одлучиле да изградат комплекс кој ќе функционира како голема воена болница. Комплексот и ден-денес постои, се наоѓа во населбата Стрчин и функционира како студентски дом.
Болницата била изградена во 1885 година, во времето на валијата Ахмед Ејуб-паша. Според локалните преданија, за одредување на нејзината локација бил извршен строг еко тест. На три места од околината на градот, едно кај Крива Воденица, едно на влезот од Прилеп и едно на патот за Лавци, биле поставени тела на заклани јагниња. Првите две се расипале и замирисале, меѓутоа третото, кај Стрчин, останало исто какво што го оставиле. Притоа, било заклучено дека тоа е најпогодно место за подигање на една таква институција.
Во близина на комплексот се наоѓала Коњичката касарна, а со цел да се поврзат воените болници со Црвената и Белата касарна, бил пробиен и пат. Овој пат денес го знаеме како улицата „Партизанска“. Во ова болница работеле исклучиво странци и лекари кои го стекнале своето образование во странство. Најголемиот дел од вработените биле Грци, Евреи и Италијанци.
Интересно е да се спомене дека во оваа болница се вршела и вакцинација против сипаници, кои биле особено честа појава во Битола. Во Битола имало неколку епидемии на сипаници, од кои забележани се онаа од 1897 година, една во 1903 година, а една особена голема околу 1908/1909 година. Меѓутоа, најинтересен податок во врска со воената болница е тоа дека во 1908 година го добила и првиот рендген апарат. Со тоа, таа станала прва болница во османлиска Македонија, што поседувала ваков апарат.
После Првата светска војна тука повторно била сместена воена болница, која ја користела српската војска сè до 1941 година. По ослободувањето, во 1949 година, оваа болница прераснала во специјалистичка болница за болни од туберкулоза.
Со формирањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола било решено комплексот на Големата воена болница да се пренамени за сместување и исхрана на студенти. Во 1980 година објектот станал студентскиот дом „Кочо Рацин“ и како таков се користи и ден-денес.