Зандан Куле
Зандан Куле
Зандан Куле

Зандан Куле

Градска Прошетка 323 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Зандан-куле е еден осамен објект кој се наоѓа во југозападниот дел на Битола, поточно во дворот на основното училиште „Стив Наумов“. Точни историски податоци за објектот не постојат, но првобитната намена по неговото градење не е таа по којашто објектот го носи името „Зандан-куле“.
Според некои извори, кулата била изградена од бег за лична заштита, но всушност неа ја подигнал битолскиот муфтија Хаџи Махмуд-ефенди во 1628-1629 година. Хаџи Махмуд-ефенди има слично име со Хаџи Махмуд-бег, но станува збор за две различни личности. Махмуд-бег е познат по градењето на џамијата Хаџи Махмуд-бег и истиот живеел сто години пред Махмуд-ефенди.
Хаџи Махмуд-ефенди својата кула ја подигнал во дворот на неговиот чифлик. Во него се влегувало само со помош на подвижни скали, низ двојни дрвени дабови врати, соѕидани на височина од 2,30 метри. Внатрешниот простор функционално е поделен на пет нивоа со дрвени меѓукатни конструкции. Имало и сутерен за складирање храна, како и бунар за вода. Меѓу приземјето и катот постоел простор од 90 сантиметри, кој служел како магацин за муниција. Најубав дел бил катот кој служел за живеење, со два прозорци на кои се вградени двојни железни решетки.
Кулата е градена од обичен камен, со речиси квадратна, правоаголна основа од 5,35 х 5,60 метри, а висока е 11 метри. Поради нејзините димензии таа станала позната како „куле“.
Некаде кон крајот на XIX век, кулата била претворена во затвор од страна на османлиските власти. За таа цел, во нејзината внатрешност биле извршени неколку адаптации. Биле направени две ќелии, од кои едната била во приземјето, а другата на катот. Под покривната конструкција се наоѓала соба за стражарите. Кулата имала и пушкарници за одбрана од непријателот, а на внатрешните ѕидови и ден денес се зачувани турски натписи. Во неа биле затворани македонски револуционери и други дејци пред и за време на Илинденското востание. Се претпоставува дека тогаш го добила називот „Зандан-куле“.
Сподели: Facebook Twitter