Џепането, нарекувано и Битолската тврдина, претставува објект кој се користел како склад за муниција од страна на османлиската војска и од другите војски што се стационирале во Битола во текот на XX век. Тоа е прогласено за споменик на културата на Р.С.Македонија.
Џепането било изградено во 1876 година. Тоа е комплекс составен од четири посебни објекти, изградени од делкани камења и тули, поврзани со малтер. Четирите градби се оградени со високи ѕидови, со главен влез на северозападната страна. Објектот е сместен во поранешната битолска касарна на ридот Тумбе Кафе и се смета за врвно архитектонско остварување на смилевските мајстори.
Влезната капија во Џепането е декорирана со два масивни столба, сликовито наредена низа од тули и камења на лакот од портата, а над влезот има слепа ниша, во која најверојатно некогаш постоел некој амблем или нешто слично. Скоро идентични се и влезовите на четирите објекти, кои освен со полихромни лаци, декорирани се и со мали релјефни симболи и странични профилации на порталите.
Името Џепане доаѓа од турскиот збор „cephane“, што значи барутана, склад за муниција. Според легендата, битолскиот валија Ќоса Ахмед Зеки-паша, кога им понудил пари на мајсторите по завршувањето на работата, тие го одбиле. Притоа му рекле дека нивната света работа е завршена. Валијата не сфатил што кажуваат, но подоцна разбрал дека од спротивниот рид јасно се гледа дека мајсторите го изградиле Џепането во форма на крст.
Oбјектот бил сместен во непосредна близина на Црвената и Белата касарна, кои претставувале база во која на моменти биле сместени и до 30.000 турски војници. За време на Првата светска војна, сите овие воени објекти биле тешко оштетени, но за разлика од касарните, Џепането останало, и подоцна било реновирано. Овој објект подоцна повторно бил магацин за оружје, кога ЈНА, а потоа и АРМ, го чувале како воена тајна, заштитен со стражарници, бодликави жици и челични порти. Интересни се и големиот број на громобрани кои го опкружуваат овој објект, како еден вид заштита од природните влијанија.
Џепането за првпат беше отворено за јавноста во 2011 година, кога АРМ ги напушти касарните во Битола. Со затворањето на касарната, објектот остана празен и во последно време е цел на кражби и уништување.