Спомен Куќата на Стив Наумов
Спомен Куќата на Стив Наумов
Спомен Куќата на Стив Наумов

Спомен Куќата на Стив Наумов

Градска Прошетка 290 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Родната куќа на народниот херој Стеван Наумов – Стив се наоѓа на ул. „Пецо Божиновски” бр.11 во Битола. Во првите активности на Народниот музеј Битола, поточно на 4. јули 1961 година, по повод Денот на борецот, отворена била за прв пат постојаната музејска поставка, откако објектот бил реконструиран и адаптиран за ваква намена. Во 1977 година куќата била повторно реконструирана и адаптирана со тоа што биле овозможени услови за нова презентација на ликот, животот и делото на Стив Наумов. кој со својата револуционерна дејност во НОБ прерасна во легендарна личност. Самата поставка е на простор од околу 150 метри квадратни, во приземје и спрат. Истата, во 2002 година, по трет пат беше обновена со содржина од нови експонати.
Во приземниот дел во најголема мера прикажана е покуќнината и предметите за секојдневна употреба на семејството Наумови. На горниот кат од објектот, кој зазема простор од околу 80 метри квадратни во 4 посебни целини, презентирани се документи и предмети што го следат животот и делото на херојот од неговото најрано детство (фотографии, документи, предмети тесно поврзани со животот на неговото пошироко семејство).
Во втората целина е прикажана неговата револуционерна активност и мигот на неговото загинување на 12. септември 1942 година, кога животот го загубил и неговиот соборец и другар, народниот херој Мите Богоевски. Историскиот дел завршува со приказ на победата над фашизмот и сé она што е напишано и изградено како спомен за херојот, за неговото име и во негова чест.
Во третата целина, во простор од 18 метри квадратни, уредена е гостинска, приемна соба за свечености-визити, со оригинални и откупени предмети од тој период што даваат приказ на средно имотлива фамилија од тој период, со еден фонд на урамени фамилијарни фотографии.
Завршница на целокупната поставка е преуредениот затворен ходник, во кој се сместени три уметнички ликовни дела со димензии од над 3х4 метри од ликовниот уметник и учесник во НОАВМ, Тоде Ивановски. Во нив авторот го прикажува револуционерниот пат на Стив, и тоа: формирањето на Првиот партизански одред „Пелистер”, убиството на озлогласениот полициски началник Ќурчиев и средбата на Стив и Мите пред загинувањето. Во истиот ходник поставена е и макета која тродимензионално и со одредени светлосни ефекти го прикажува нападот на Партизанскиот одред „Даме Груев” на полициската станица-участок во село Кажани под раководство на Стив Наумов. На посебно пано се прикажани и други народни херои од Битола и Битолско.
Сподели: Facebook Twitter