Куќата на д-р. Балабан Аврам
Куќата на д-р. Балабан Аврам
Куќата на д-р. Балабан Аврам

Куќата на д-р. Балабан Аврам

Градска Прошетка 373 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Балабан Аврам е една од најубавите и најуникатни објекти во градот Битола. Се наоѓа на улица „Стерјо Ѓоргиев“ бр. 34, во населбата „Дрвен пазар“, во близина на „Јени амам“. Нејзиниот сопственик Аврам Балабан бил хирург и гинеколог и бил сметан за еден од најголемите лекари и хуманисти во Битола.
Аврам Балабан бил роден во Кајсери, денешна Турција, во 1865 година. Во 1890 година завршил медицински факултет во Истанбул и станал доктор по медицина и хирургија. Потоа работел во Созопол, Бугарија и по некое време бил вработен како општински доктор во Охрид. Својата успешна докторска кариера ја продолжил и во Струга, па во Приштина и Елбасан.
Во Битола дошол или во 1899 година или во 1901 година и се вработил во болницата за сиромашни „Гураба Хаста Хане“. Потоа отворил и своја ординација во дворот, зад својата раскошна куќа во која имало неколку болнички соби и операциона сала. Аврам Балабан имал отворено и аптека во близина на „Јени амам“.
За време на Балканските војни, Аврам Балабан бил вработен од страна на српската војска и се истакнал како искусен лекар кој се борел против пегавиот тифус. Во тој период болеста се ширела како една од најкатастрофалните епидемии. За жал и д-р Аврам Балабан станал жртва на тифусот и починал во 1913 година. Денес неговиот гроб се наоѓа во Буковски гробишта и е исто толку раскошен, како и куќата во која што живеел.
Неговата куќа претставува ремек дело, за кое сѐ уште немаме податоци кога е точно изградено. Со сигурност можеме да се каже дека куќата потекнува од 19 век. Нејзината необично богата фасадна орнаментика е единствена во градот. Особено се истакнуваат релјефните човечки фигури, кои се јавуваат како допојасни машки тела и како претстави на лица на сатири. Карактеристични се и мермерните скали, влезот, столбовите што го крепат широкиот балкон од ковано железо и полустолбовите лоцирани на тој балкон.
Сподели: Facebook Twitter