Објектот на некогашниот Грчки конзулат се наоѓа во близина на црквата „Св. Димитрија“, на аголот каде што се поврзуваат улиците „Кирил и Методиј“ и „Славко Лумбарко“. Градбата исто така се користела како објект на Собранието на Општина Битола.
Градбата била изградена во 1903 година покрај тогашната улица на Конзулатите. Таа била во сопственост на црквата „Св. Димитрија“, но брзо по нејзиното градење била дадена под наем на Грчкиот конзулат. Конзулатот во овој објект бил сместен до 1912 година.
Објектот е граден под влијание на архитектонските стилови во Западна Европа при крајот на XIX век, со елементи на барокна и класицистичка декорација. Монументален изглед на објектот му дава влезната партија составена од надворешни скали и два балкона. Фасадата е богато декорирана со дорски канелирани столбови на скалите и балконската партија, балустрадното решение на балконите, огради со керамопластични украси и лента со брановидни декорации, пластично изведена под кровниот кордонски венец. Интересно е тоа што лентата со брановите, како и дорските столбови, пиластрите, триглифите и други елементи потсетуваат на старогрчки храм од класичниот антички период на Грција.
Решението за отворање на грчки конзулат во Битола било донесено уште во 1853 година, но веројатно заради избувнувањето на Кримската војна истото не се случило. Така во 1859 година бил отворен грчкиот вицеконзулат, на чие чело бил искусниот дипломат Герасимос Валијанос. Во 1863 година прераснува во конзулат, каде како конзули продефилирале Ѓорѓиос Донас, Костадинос Панурје, Н. Фондание, К. Вецос, К. Пезос и други. Во 1903 година, Грчкиот конзулат се сместил во оваа градба, а кој објект бил користен претходно од нивното претставништво, нам не ни е познато.
За разлика од другите западноевропски конзулати, Грчкиот, заедно со Бугарскиот, Романскиот и Српскиот конзулат, спроведувал асимилационистичка и пропагандистичка политика. Конзулатот активно работел на грцизација на влашкото население и организирал богослужби на грчки јазик во црквите. Влијанието на грчкиот конзул и прогрчките елементи во Битола сѐ повеќе се засилувале, а грчката пропаганда сѐ повеќе земала замав, за која цел Грчкото Кралство одвојувало големи финансиски средства. По Илинденското востание, Грчкиот конзулат дури станал и штаб за организирање и раководење на грчка воена интервенција во Македонија.