Куќата на Мацали
Куќата на Мацали
Куќата на Мацали
Куќата на Мацали

Куќата на Мацали

Градска Прошетка 435 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Претставник на многуте грандиозни куќи во центарот на Битола е и куќата каде што живеел големиот трговец Михаил Мацали и неговиот син д-р Константин Мацали, еден од најпознатите доктори во Битола. Семејството Мацали имало потекло од Николица, Албанија. Тие биле Власи кои по протерувањето од тамошниот режим, се доселиле во Крушево. Од таму доаѓаат во Битола, бидејќи тогаш таа била во својот најголем трговски подем и расцут. Во 1902 година ја изградиле својата куќа на ул. „Кирил и Методиј“.
Михаил Мацали бил истакнат член на крушевската заедница. Тој имал четири деца: Константин, Киро, Зица и Стерјо. Киро, исто како и татко му, бил трговец. Неговата ќерка, Елпиники, ѝ била мајка на Фанула Папазоглу – позната битолчанка и една од најголемите археолози во Југославија.
Константин Мацали завршил медицина во Атина и бил предавач и доктор. Тој работел во тогашната градска болница „Спиталјето“ од 1889 до 1913 година. Покрај во приватна практкаи, работел и во болницата „Благовештение“. Бил женет за Викторија Арвали од Атина, со која ги имал децата Михаил, Александар и Фани.
Оваа градба храбро ги „преживеала“ Првата и Втората Светска Војна. Откако починал синот на Киро Мацали, Mинго, семејството се преселило и живеело во куќата на Поликсена Гогу (од семејството од неговата жена). По напуштањето на овој објект, се губат трагите за ова некогашно големо семејство.
Куќата на Мацали денес е предмет на денационализација и е многу неизвесно нејзиното враќање, бидејќи наследниците ја немаат потребната документација и се во спор со државата. Овие години градбата била на ред за реновирање, но поради веќе започнатата постапката за денационализација, реновирањето било прекинато.
Куќата на Мацали е една карактеристична градба во Битола, изградена во барок. Се наоѓа веднаш до кафе барот „Порта Џез“, односно лево од него. Куќата има двор со многу дрвја и ограда. Денес во неа се наоѓаат канцеларии од една државна институција.
Сподели: Facebook Twitter