Приватната клиника „Битољ“
Приватната клиника „Битољ“
Приватната клиника „Битољ“

Приватната клиника „Битољ“

Градска Прошетка 365 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Приватната клиника „Битољ“, позната и како Санаториум „Битољ“, била сместена во објектот кој денес го знаеме како „Белата Куќа“. Градбата се наоѓа на улица „Димитар Илиевски Мурато“ бр. 20 и е во близина на Широк Сокак и хотелот „Епинал“.
Приватната клиника најверојатно била отворена во 1931 година, односно во периодот кога во Битола бавно и тешко се обновувала медицината. По Првата светска војна, градот се соочувал со недостатоци во организацијата на здравствената служба и ограничена превентивна дејност. Постоеле мал број на приватни здравствени установи, бидејќи најголемите болници во Битола, како „Гураба Хаста Хане“ и „Спитаљето“, престанале со работа откако биле оштетени од бомбардирања. Големиот број на заразни и други заболувања и лошите санитарно-хигиенски услови за живеење биле болното наследство што го оставила војната.
Еден од објектите, чија цел била борбата за подобри здравствени услови, бил и Санаториумот „Битољ“. Се претпоставува дека располагал со модерни апарати и инструменти, соби со беспрекорна хигиена и работници кои биле едни од најдобрите лекари-специјалисти во градот. Освен што постоела како болничка установа за прегледи и лекување на болни, можно е да била и место каде што се изведувале научни испитувања и практична медицинска настава.
Во близина на клиниката се наоѓале и приватната ординација на Александар Османли, аптеката на Ташко Филиповиќ и Богословијата. Во тој период во Богословијата почнала да се развива медицинската дејност и почнал да се формира болничкиот комплекс, од кој денес остана само топонимот „Стара болница“. Други податоци во врска со приватната клиника „Битољ“ немаме, односно не знаеме како и до кога фукционирала. Но, најверојатно таа не функционирала долго, бидејќи Битола се соочувала со недоволен болнички постелен фонд и малуброен лекарски кадар. Ваквите проблеми станале сѐ поголеми со почетокот на Втората светска војна.
Моментално овој објект е познат како „Белата Куќа“ и функционира како хотел и бар. Со неговата бела, елегантна фасада и ден-денес потсетува на некогашната хигиена и чистота на Санаториумот „Битољ“ и ќе остане познат како клиниката која се борела за подобри здравствени услови во најмрачниот период на битолската медицина.
Сподели: Facebook Twitter