Куќата на Елени Каринте е една од најпознатите објекти на Широк сокак во Битола. Таа станала атракција кога се раширила љубовната приказна во врска со Елени Каринте и Мустафа Кемал Ататурк. Ден-денес куќата претставува еден култен објект во градот и е една од најпосетуваните локации, главно од страна на туристите кои доаѓаат од Турција.
Куќата на Каринте се наоѓа на Широк сокак, наспроти хотелот „Епинал“. Во неа некогаш живеело семејството Каринте. Тоа било богато христијанско влашко семејство трговци, кои живееле во Битола во последните децении на 19 век и во почетокот на 20 век. Куќата е украсена со раскошни рејлефни украси и профилации и кај неа се истакнува широкиот балкон на првиот кат.
Меѓутоа, таа не е позната заради нејзината архитектура или заради семејството Каринте, туку е позната заради приказната за забранетата љубов меѓу младата Елени и таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк. Според некое предание, нејзината прва средба со Мустафа била кога таа имала само десет години. По некоја случајност, младиот кадет Кемал се нашол во огромната куќа на Каринте на некоја богата прослава. Елени пред него засвирела на домашниот клавир за да покаже што ја научиле француските учителки коишто ѝ држеле часови по пијано.
Кемал потоа се вратил во Истанбул за да го продолжи своето образование, но седум години подоцна, се вратил во Битола за да раководи со Воената гимназија. Еден ден, на балконот од куќата во која бил пред седум години, ја здогледал Елени. Таа веќе била убава русокоса девојка. Кога се сретнале повторно тие веднаш се вљубиле.
Времето и средината во кое живееле не одобрувале врска меѓу христијанка и муслиман. И покрај тоа што нејзиниот татко Ефтим им се противел на љубовта, Елени сепак побегнала за Кемал. Но, богатото семејство Каринте успеало да ја врати Елени дома и да ја спречи во љубовта што за многу кратко ја држела во своите прегратки. Семејството ѝ договорило брак со најдобриот работник на Ефтим, Тоде, кој добил дури 900 наполеони мираз. Но, бракот не се реализирал бидејќи Елени побегнала во Лерин. Се раскажува дека до крајот на животот примала чек од лице што ја издржувало. Ден-денес не е откриено кое било тоа лице.
Кемал пак, заминал во Истанбул и станал прв претседател на Турција, творец на модерната турска држава. Се оженил со Латифе Ханам, но бракот им траел само две години. Ататурк и Каринте никогаш повеќе не се сретнале, а од нивната љубов останало само писмото кое Елени му го напишала, но никогаш не му го испратила на својот сакан.