Во куќата каде што денес се наоѓаат конзулатите на Унгарија, Украина и Црна Гора, на Широк сокак, лево од барот „Корзо“, некогаш живееле браќата Данабаш. Тие биле угледни и скромни трговци кои се занимавале со трговија на бензин и петролеј во Битола. Тие имале свое складиште во населбата „Боримечка“, под покровителство на фирмата „Шел“ („Shell“). Меѓутоа семејството Данабаш ќе остане запамтено, не по неговото богатство и углед, туку по еден многу трагичен и ужасен настан.
Во 1927 година, едниот од браќата, Петар Данабаш, бил убиен на свиреп начин, од лице кое било заслепено од нивнито богатство и помислата дека на лесен начин ќе дојде до него. Петар имал 62 години. Разбојникот Рудолф Берглес се качил со скала на неговиот прозорец, од каде што влегол во спалната соба и го убил, удирајќи го со гумеи пендрек, а потоа го бодел и со нож. Тој ги зел клучевите што биле под перницата на која спиел Петар и ја отворил касата во која имало околу 1700 наполеони, 30 стари златници, 5000 тогашни динари и неколку парчиња накит. Другиот брат, Јанко Данабаш, ништо не забележал, бидејќи бил на другиот кат со своето семејство. Кога се разбудил, забележал дека влезната врата била отворена и се посомневал дека нешто не е во ред.
По убиството, тешко боло да се пронајде сторителот. Меѓутоа, Јанко шетајќи се кај лихварите и менувачите во битолскиот пазар, препознал еден од старите дукати кој бил истружен од двете страни. За тоа што го видел, пријавил в полиција, па таа го фатила лицето и по извршениот распит дознала дека тој бил добиен од Рудолф Берглес. Потрагата по разбојникот започнала и тој бил пронајден во Белград, и таму бил уапсен. По долгата истрага, го признал делото и раскажал за начинот како тоа го извршил убиството. Од белградскиот суд бил осуден на голема затворска казна. Берглес починал во битолскиот затвор при обид за бегство, кога еден од стражарите го застрелал право во вратот.
За Битола ова убиство била вистинска сензација, бидејќи ваквите случки биле ретки. Но, тешката судбина на семејството Данабаш не завршила со убиството на Петар. По Втората светска војна, на угледното битолско семејство Данабаш му бил одземен и конфискуван целиот имот, сите пари и богатство. Членовите на семејството Данабаш со голема тага и бес ја напуштиле Битола и до ден-денес ја немаат посетено и не сакаат да слушнат за неа.