Куќата на фамилија Османли
Куќата на фамилија Османли
Куќата на фамилија Османли

Куќата на фамилија Османли

Градска Прошетка 487 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
На аголот меѓу Широк сокак и ул. „Димитар Илиевски-Мурато“ наспроти Домот на културата, се наоѓа една убава и грандиозна жолта куќа. Тоа е куќата на семејството Османли.
Ѓорги Османли заедно со својата жена Марика имале пет деца: Дијамандија, Петраки, Елена, Хариклија и Александар. Ѓорги умрел млад и децата останале сами со својата мајка. Од нив, поради големата сиромаштија, само Александар успеал да заврши гимназиско образование во Битолската Гимназија „Идадија“. Дијамандија отворил дуќан и станал книжар. Петраки својот музички талент го искористил за патување низ Европа и светот. Тој завршил во Америка и му помогнал на својот брат Александар и тој да го прелета океанот. Александар во Чикаго учел медицински факултет и истовремено работел како болничар за да може да преживее и да го плати школувањето.
Во една пригода, користејќи ги познанствата на својот брат Петраки, кој работел дури и за Чарли Чаплин, Александар сакал да сними филм и напишал три филмски текстови со балканска тематика. За жал, тие негови „манакиевски“ подвизи биле одбиени. Сепак, Александар добил многу дипломи и признанија и во 1920 година се вратил во Битола. Во својата семејна куќа отвора медицинска ординација. За две години, поради големото познавање и успешност во работата како лекар, стекнал со голем углед и големо богатство.
Александар Османли станал успешен лекар и се оженил со Марија, ќерката на богатиот трговец Лазо Сервини, кој како подарок му го дал плацот каде што е сега изградена куќата. Инспириран од американската мода, Александар ја изградил и ја украсил куќата богато и аристократски. Убавата градба, изградена во 30-тите години на 20 век, била вистинска реткост во градот. На почетокот, куќата имала приземје, каде што се наоѓала неговата ординација, и само еден кат каде што живеел. Подоцна, Александар изградил и втор кат и него го изнајмувал.
Големо внимание посветил на внатрешното уредување и на мебелот (витрините, масите, столовите). За тоа биле ангажирани најдобрите мајстори: дограмаџии, резбари и копаничари. Посебна убавина имале ѕидовите што својот сјај го задржале до ден денеска. Александар Османли бил еден од првите луѓе кои во Битола, во својата куќа ставиле паркет, сам ја поврзал електричната инсталација и направил стотина места за светилки. Украсни ламби имало дури и на гелендерите на скалилата, кои му давале посебен сјај на влезот. Редок простор е и музичкиот кабинет каде што има грамофон со рачка и голем звучник на којшто може и ден денеска да се слушаат плочи кои што Александар ги набавувал од странство.
Сподели: Facebook Twitter