Хотелот „Солун“
Хотелот „Солун“
Хотелот „Солун“

Хотелот „Солун“

Градска Прошетка 372 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Хотелот „Солун“ е една од најспецифичните градби во градот Битола. Објектот бил изграден од трудот, решителноста и солидарноста на тројца браќа. Всушност, градбата може да се опише како олицетворение на поговорката: „Сложни браќа, куќа градат“. Хотелот се наоѓа на улица „Рузвелтова“ бр. 17, на север од објектите на Поштата и „Стопанска банка“ АД Битола.
Браќата Сотир, Ристо и Стефан Спанакови, заедно со своите две сестри, уште од мали останале сираци. Нивниот татко Тале бил меанџија. Заедно со својот шура Ванѓел имале кафеана и ан. Меѓутоа Тале многу млад загинал. Неговата сопруга Анастасија ги продала кафеаната и анот, и со парите што ги добила успеала сама да ги одгледа своите пет деца.
Сотир, Ристо и Стефан биле многу итри. Додека биле сѐ уште мали, тие се договориле дека ќе собираат пари заедно. По неколку години, кога станале млади момчиња, со парите што ги собирале купиле плац со штала за крави. По некое време кравите ги продале и, по стапките на татка си, изнајмиле кафеана. Од парите што ги спечалиле со кафаната, пак, купиле нов плац и тогаш браќата се одлучиле меанџилакот да го претворат во хотелиерство.
Во 1920 година тројцата браќа почнале да го градат хотелот „Солун“. Дури и самите учествувале во неговата изградба. Хотелот имал површина од 1.127 метри квадратни, со двор од 320 метри квадратни. По изградбата, тројцата газди повторно седнале заедно и направиле строга поделба на трудот. Најстариот, Сотир, бил задолжен за економијата на придружните имоти и дејности. Ристо бил обврзан за работата на хотелот и за трговијата. Додека пак, Стефан, за односот со гостите и со муштериите.
Во хотелиерството браќата ги ангажирале и своите сопруги, кои се занимавале со чистење, готвење и перење во хотелот. Во 30-тите години „Солун“ станал луксузен хотел. Работел според европски стандарди и имал богата вонпансионска услуга. Хотелот станал омилено место на балканските богаташи. Браќата имале вработено и пајтонџија, а во 1936 година хотелот добил и службена форд лимузина. Во 1939 година, во хотелот преспал и кралот на Албанија, Ахмед Зогу, кој бил истеран од својата земја од страна на италијанската окупаторска војска.
По Втората светска војна објектот бил национализиран. Денес не е познато дали објектот е заштитен или не. Некогашниот хотел „Солун“ моментално е објект во чие приземје се сместени неколку дуќани, а неговиот кат се издава како деловен простор со канцеларии.
Сподели: Facebook Twitter