Црквата „Св. Недела“ се наоѓа на левата страна од северниот влез на Битола, на патот за Прилеп. Црквата била изградена во 1863 година од страна на битолските еснафи, а при изградбата помогнал и тогашниот пелагониски владика Бенедикт Византиски.
Била подигната врз постар срушен храм, чии материјали биле искористени во изградбата на новата црква. Паралелно со неа се градела и камбанаријата. Потоа храмот бил насликан од надворешната страна, а во 1864 година била насликана и внатрешноста, односно само проскомидијата и куполата.
Во наредните години, црквата „Св. Недела“ почнала да се соочува со проблеми околу тоа на кој јазик да се изведуваат богослужбите. Во црквата избувнувале кавги и физички пресметки меѓу подржувачите на Грчката патријаршија и Бугарската егзархија. Објектот бил сѐ помалку и помалку посетуван поради разните притисоци и заканувања кои ги претрпувало локалното население. Ваквите несогласувања траеле до 1878 година кога се формирала Бугарската црковно-училишна општина која се борела за афирмација и признавање на словенскиот јазик во црковната богослужба.
Наскоро црквата и широкото дворно предворје станале популарни и масовно посетувани како празнични и пазарски собиралишта. Бидејќи пазарниот ден во Битола долго време бил во недела, а во градот доаѓале и многу трговци и однадвор, особено од Прилеп, дворот на црквата „Св. Недела“ станал еден тесен пазар. Интересно е тоа што само тука луѓето можеле да купат свинско месо, бидејќи во градот неговата продажба била забранета. Често се случувало во и околу христијанскиот храм да се сретнат и муслимани, кои доаѓале тука заради панаѓурите и пазарот.
Црквата „Св. Недела“ претставува трибродна базилика. Има иконостас којшто е изработен од дрво и икони кои потекнуваат од XX век. Во дворот на црквата „Св. Недела“ се наоѓаат Илинденските гробишта, каде што се погребани и војводите Доне Крчаров, Димко Николов и Александар Турунџев. На североисток од објектот се наоѓаат денешните Градски гробишта, во кои се погребани и некои други значајни личности како: Павел Шатев, Димче Могилчето итн. Црквата „Св. Недела“ во Битола, покрај основната намена за верски потреби, со своите градителски решенија, фрескоживописот, иконописот и копаничарската уметност го збогатува и културното наследство на градот.