„Словенијалес“
„Словенијалес“
„Словенијалес“

„Словенијалес“

Градска Прошетка 389 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
На улицата „Прилепска“ бр. 58 се наоѓа една модернистичка градба, составена од два дела што се поврзани со една „кула“ на средина. Тука некогаш се наоѓале работните простории на ГРО „Маврово“, а од пред триесетина години комплексот станал познат и како „Словенијалес“.
Во овие два коцкести делови од зградата, во 80-тите години, „Словенијалес“ од Љубљана, отворила нов модерен салон за мебел, бела техника, канцеларски мебел и акустика. „Словенијалес“ е фирма што и ден-денес се занимава со продажба на мебел и покуќнина од најреномираните производители на мебел во Словенија и Хрватска. Тоа се производители со долгогодишна традиција и искуство. На македонскиот пазар се присутни во континуитет, повеќе од 35 години.
Во статија од „Битолски весник“ од 80-тите године е наведено дека за уредувањето на овој салон, чија корисна површина изнесува 850 квадратни метри, потрошени биле 27 милиони динари. Според тогашниот раководител, било посочено дека овие производи биле мошне барани и ценети од граѓаните на градот Битола. Тоа го потврдуваат и бројките. Имено, само за еден месец од отворањето на овој салон, бил продаден мебел во вредност од 5 милиони динари. Интересот кај граѓаните бил навистина голем за снабдување со мебел од производството на „Словенијалес”, уште повеќе што тука можело и да се купи на парче.
ГРО „Маврово” во 2008 година била преземена од хрватската градежна компанија „Ингра“, која за околу 10 милиони евра станала сопственик на 79,1 % од акциите, при што наследила околу 20 милиони евра долг и 10 милиони евра ненаплатени побарувања. Поради тоа, во 2009 година фирмата прогласила стечај. Може да се рече дека после тоа започна и уништувањето на овој објект.
Денес, поголемиот дел од објектот е напуштен и оштетен. Меѓутоа, „Маврово“ доби нов живот во 2021 година, кога во десната „коцка“ од комплексот беше отворен новиот „Јени Маркет“. Во супермаркетот денес можат да се видат и стари фотографии од историјата на Битола.
Сподели: Facebook Twitter