Еврејски Гробишта
Еврејски Гробишта
Еврејски Гробишта

Еврејски Гробишта

Цркви и Манастири 368 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Еврејските гробишта во Битола се наоѓаат на северниот влез во Битола, наспроти црквата „Св. Недела“ и во непосредна близина на Турските гробишта. Се смета дека најстарите еврејски гробови на ова место потекнуваат дури од крајот на XV век.
Денешниот изглед Еврејските гробишта го добил во 1929 година, кога биле изградени оградниот ѕид и раскошната порта. На портата бил изработен натпис „Јеврејско гробље ‘Битољ’ од 1497-1929“, со што ни посочува на времето, од кога постојат гробови на овој простор. Според тоа, битолските Еврејски гробишта би можеле да се најстарите познати еврејски гробишта на Балканот.
Гробиштата моментално не се активни и голем број од надгробните споменици се уништени. Во минатото биле поместувани од своите места, па дури и употребувани како градежен материјал. Особено интересна била библиотеката која се наоѓала на ова место, за која за жал денес малку се знае. За време на Втората светска војна гробиштата престанале да се употребуваат, но за среќа, не биле уништени од окупаторските власти.
Со оглед на тоа дека во овие гробишта веќе долго време не се извршуваат погребални функции, истите имаат статус на меморијални гробишта и за нивно одржување е задолжена Општина Битола. Почнувајќи од 1961 година, биле создавани планови за нивно зачувување и конзервација, кои траат и ден денес, но со многу прекини. Голем дел од мермерните надгробни плочи се оштетени или затрупани и сѐ уште неоткриени. Меѓутоа, има и такви на кои и ден денес се читливи нивните натписи, а некои од гробовите се и со раскошни споменици и декорации.
Од неодамна се започнати активности за средување на гробиштата, расчистување на гробните места и надгробните плочи, а постои и проект за нивно уредување во меморијален парк со што дополнително би се збогатила туристичката понуда во Битола. Еврејските гробишта, предниот дел од оградата, како и главниот портал со двете комеморативни соби, од 2000 година се заштитени како културно наследство.
Сподели: Facebook Twitter