Црквата Св. Димитрија
Црквата Св. Димитрија
Црквата Св. Димитрија

Црквата Св. Димитрија

Цркви и Манастири 436 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Црквата „Св. Димитрија“ е најголемиот и најпознатиот христијански храм во Битола. Се наоѓа во центарот на градот, а во близина на Широк сокак и Саат-кулата. Објектот е посветен на светиот великомаченик Димитриј Солунски. Административно припаѓа на Битолското архијерејско намесништво на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ – ОА.
Оваа црква е изградена во 1830 година на местото на некогашниот стар параклис од 1726 година кој изгорел во пожар. Камбанаријата, пак, е подигната во 1936 година и е дело на Александар Дероко. Изградена со посебно одобрение на турските власти, црквата требало да биде скромна и неугледна градба, пониска од околните џамии. Поради тоа, истата е вкопана в земја, а била подигната за само четири месеци со помош на доброволни прилози од битолските христијани.
На крајот на XIX и на почетокот на XX век, „Св. Димитрија“ била главната црква на Грчката патријаршија и службите во неа се вршеле на грчки јазик.
Таа има форма на трибродна базилика, со странични галерии. Внатрешноста на оваа црква е богато разиграна со импозантни галерии на катот, резбан владички трон, двокатен иконостас во плитка резба и амвон. Главниот кораб се одделува од останатите со високи и елегантни столбови и огромен насликан таван. Иконостасот потекнува од средината на XIX век и е изработен во позлатена резба од вештите раце на засега непозната резбарска тајфа, но сигурно составена од македонски мајстори.
Во 2005 година, конзерваторите од битолскиот „Завод и музеј“ и Заводот за заштита на спомениците на културата откриле дотогаш непозната фреска со претстава на Исус Христос - Седржител. Фреската е на централниот дел од сводот на црквата кој повеќе од еден век бил покриен со црнила од горењето свеќи, така што долго време вредните историски уникати биле непознати.
Денес црквата „Св. Димитрија“ е централна црква во Битола и во неа се одржуваат најголемиот број на венчавки, крштевки, а воедно е и централно место за сите поважни христијански празници. Таа е една уметничка катедрала, во која архитектурата, вајарството и сликарството се споени во раскошна и величествена целина.
Сподели: Facebook Twitter