Отоманската Банка
Отоманската Банка
Отоманската Банка

Отоманската Банка

Градска Прошетка 381 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Објектот на „Отоманската банка“ бил изграден во доцниот 19 век и како таков бил користен до 1912 година. По Првата светска војна станал „Француско-српска банка“, а во текот на Втората светска војна, „Земјоделска банка“. По ослободувањето, во објектот, во одреден период била печатницата „Киро Дандаро”, а подоцна се појавила „Стопанска банка“ АД Битола. која во објектот работи до ден-денес.
Стилските елементи им припаѓаат на француските сецесионистички фасади кои се богато украсени со релјефни претстави на стилизирана флора, распоредена на сите делови на фасадата. Сецесионистичкиот стил се гледа и во богатата декорација на фасадата, поврзана со ковано железо во деловите на прозорците, терасата, портата и примена на керамички украси. Објектот е еден од најубавите примери за архитектура во градот Битола, кај кој што, покрај сецесионистичките елементи на фасадата, присутни се и ренесансни и барокни елементи. Портата на „Отоманската банка“ го има приматот за најубаво украсена и стилски компонирана порта во градот Битола.
Банкарството во османлискиот период во Македонија се развивало мошне интересно. Имено, според учењето на исламот, за муслиманите се сметало недостојно да се занимаваат со банкарски (посебно лихварски) работи. Затоа, овие занаети биле препуштени да ги вршат луѓе од други вероисповеди. Во Македонија најмногу со банкарство се занимавале Евреите, кои помасовно почнале да доаѓаат од западноевропските земји, како резултат на прогонувањето кое го доживувале таму. Во тоа време, во повеќе градови во Македонија се формирале еврејски општини. Преку трговијата, особено преку организирањето панаѓури во поголемите градови, успеало да навлезе паричното стопанисување.
Со потпаѓањето на овoј дел од Македонија под ново ропствo во 1912 година, престанале да постојат филијалите на две турски банки во Скопје и Битола. Филијалите на „Отоманската банка“ ги презема „Француско-српската банка“ која отворила свои подружници во овие градови. Според една легенда, при повлекувањето на турската војска, два тона злато во прачки, сопственост на „Отоманската банка“ во Битола, било закопано покрај Расимбеговиот мост на Црна Река во Мариово. Другата попозната легенда е за нејзиниот голем грабеж од страна на ајдутска банда, која по големата и исцрпувачка потера, не била во можност да го зачува својот богат плен. Членивите на бандата биле принудени голем број златници да истурат во некоја од пештерите кај Солунска Глава за да се спасат и побрзо да се движат.
Денес објектот на „Отоманската банка“ со својот раскош го украсува паркчето на Саат-кулата и со тоа е незаменлив дел од центарот на Битола.
Сподели: Facebook Twitter