Објектот познат како „Приватниот музеј на Раул Винеј“ се сретнува и како куќата на хирургот Ќосич. Оваа градба била една од најголемите градби во Пекмез пазар и се наоѓала лево од куќата на Економо и наспроти Солунската банка, односно на местото кај денешните фонтана и споменик на Филип II.
Куќата била изградена меѓу 1908 и 1912 година. Таа била изработена од фасадна цигла донесена од Солун и била една од најцврстите градби во Битола. Оддалеку изгледала како тврдина. Имала приземје, два ката и поткровје и два раскошни балкони на предната страна.
Бидејќи градбата денес не постои, ние поседуваме многу малку податоци за неа. На пример, датирањето на нејзината изградба, е изведено преку забелешки и компарации на стари фотографии и разгледници. Постојат неколку стари фотографии, чиј кадар е поглед од Широк Сокак накај денешен плоштад Магнолија, каде големата градба се гледа странично. На панорами на Пекмез пазар, пак, таа се гледа малку појасно и е најголемиот објект меѓу Саат-кулата и Јени Џамија. На фотографиите од пред Младотурската револуција, куќата ја нема, а првпат се спомнува во разгледници од 1912 година.
Раул Винеј бил француски актер и композитор. Првпат дошол во Битола во 1890-тите години, но не е сосема јасно која е причината за неговиот престој во градот. Во 1898 година, заедно со неговиот роднина Алфред Винеј, ја напишале и ја компонирале баркаролата „Два гласа“ („A deux voix“). Композицијата била испечатена 11 години подоцна, во 1909 година, во Париз.
Во 1912 година тој ги изработил единствените фотографии на кои се гледа предниот дел на неговата куќа, со Раул застанат на еден од балконите. Едната од нив била испратена до неговата сестра Луиза во Франција, а другата била испратена во Швајцарија. Благодарејќи на овие фотографии, објектот го добил името „Приватниот музеј на Раул Винеј“. Имено, на сликите, Раул Винеј успеал умешно да изработи натписи, кои изгледаат како да се дел од фасадата на самата градба. На натписите, на француски пишува „Главна Трансатлантска Компанија“ и „Интернационален Музеј Монастир“. Меѓутоа, ден-денес не се знае дали навистина Раул Винеј поседувал компанија и музеј или пак „глумел“ дека е нивни сопственик.
Градбата некогаш претставувала и стоматолошка ординација на фамилијата Ќосич. За време на Втората светска војна таа била оштетена и во 1946 година била срушена, поради тоа што градските власти ја прогласиле за ризична за живеење и опасна за околината.