Куќата на Мијалче Петров
Куќата на Мијалче Петров
Куќата на Мијалче Петров

Куќата на Мијалче Петров

Градска Прошетка 414 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Мијалче Петров била изградена во 1929 година и се наоѓала на местото на денешниот Дом на култура, поточно десно од рампата и од некогашниот Руски конзулат.
Првиот сопственик на куќата, Мијалче Петров, бил керестеџија (трговец со градежни материјали) и со неговиот брат имале дуќани на Широк Сокак. Тој бил трговец, додека пак, неговата жена Пара, била учителка. Познати биле и како Калиновци, по мајката на Мијалче, Калина. Мијалче и Пара имале четири ќерки: Каљопа, Љубица, Даринка и Блага.
Најмладата ќерка, Блага, завршила медицински факултет и со својот сопруг, познатиот доктор по хемија проф. Димче Тошев, се преселила во Скопје.
Даринка студирала англиски јазик во Белград и била првата жена од Македонија што дипломирала на англиски јазик. Таа била учесник во демонстрациите во Белград на 27. март 1941 година. По Ослободувањето, во 1950 година, Даринка ја основала Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филозофскиот факултет во Скопје.
Љубица не завршила факултет, но живеела во Белград каде го запознала и се омажила со офицерот Петар Михајлов, кој исто така бил од Битола, но студирал на белградската Воена академија. Во 1941 година тие го напуштиле Белград и организирале огромна свадба во Битола. По Ослободувањето, се преселиле во Скопје.
Единствена од ќерките на Мијалче која останала да живее во Битола, и тоа во оваа куќа, била најстарата. Каљопа живеела заедно со Љубица во Белград. Таа се омажила за некој инженер, но на почетокот на Втората светска војна тој починал и Каљопа се вратила во Битола. Тука таа живеела со своите родители и со својот син и работела во судот. По нејзиното пензионирање, Каљопа продолжила да живее во оваа куќа, заедно со фамилијата на својот син Никола Стојков.
Куќата била голема, со голем двор, подрум, приземје, кат и убав гелендер од ковано железо. На катот се наоѓале дневните, спалните, трпезаријата и кујната, сите со високи тавани. Долниот дел бил летна кујна и магацинче. Карактеристично за оваа куќа било тоа што сите ѕидови биле насликани со слики, нешто слично на фрески. Дел од таваните исто така биле нацртани. Во визбата имало огромни буриња за вино.
Куќата на Мијалче Петров била срушена во 70-тите години од минатиот век, при изградбата на Домот на културата. Дел од потомците на неговата фамилија денеска живеат во населбата „Недопирливи“ во Битола, а дел и во Скопје и во Белград.
Сподели: Facebook Twitter