Домот на културата
Домот на културата
Домот на културата

Домот на културата

Градска Прошетка 363 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Домот на културата во Битола бил отворен на 11 Октомври 1980 година. Тој бил изграден на местото на стариот Народен театар, покрај Широк сокак, кај плоштадот Гоце Делчев. Отварањето на Домот било проследено со изведба на претставата „Залезот над езерската земја" од Томе Арсовски, во режија на Димитар Христов и со ретроспективна изложба на битолските ликовни уметници.
Домот на културата во Битола претставува интегрална целина на најразновидни програмски и просторни барања, реализирани под еден покрив. Со својата карактеристична архитектура, тој значително се истакнува како еден од најпознатите објекти во градот.
Предниот дел на Домот е украсен со раскошен двор, во чија средина се наоѓа споменик на НОБ. Пред влезот на зградата, поставен е споменик на Милтон Манаки, таткото на битолската кинематографија. Внатрешноста на Домот на културата е декориран со слики и постери од филмови и претстави низ историјата на кинематографијата и театарот, како и неколку бисти на познати лица од доменот на културата и уметноста.
Во рамките на Домот, присутни се неколку сали што се наменети за културни и забавни содржини. Големата, која најчесто се користи како свечена, концертна и кино сала, има површина од 750 метри квадратни и капацитет од 870 седишта, со сцена широка 15 метри и длабока 20 метри. Театарска сала има површина од 430 метри квадратни и капацитет од 420 седишта, со 12 метри ширина и 24 метри длабочина на сцената, а има и ротациона функција, светлосен парк и озвучување. Малата сала има 100 седишта и е проектирана и изведена според ентериерот на стариот битолски театар. Најчесто се користи за промоции, предавања, проекции на краткометражни и документарни филмови итн. Други простории кои го сочинуваат Домот се: новата четвртеста сцена, бифе, простории за помали концерти, салони за изложби и сл.
Денес, НУ Центар за култура – Битола е главен двигател на развојот на културата и уметноста во градот. Домот е место каде што се негува богатото културно наследство на Битола и на Македонија воопшто. Освен што се чуваат народните вредности, тука се создаваат и нови.
Битолскиот Дом на културата е место во кое што битолчани и други посетители уживаат во театарски претстави, концерти, кино проекции, саеми на книги и многубројни фестивали. Меѓу најпознатите фестивали кои се одржуваат во рамките на Домот се: Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“; „Битола Шекспир Фестивал“; Фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“ и други.
Сподели: Facebook Twitter