Објектот во кој бил сместен стариот Руски конзулат се наоѓа на улицата „Пеце Матичевски“ бр. 22, одзади Национална установа Центар за култура Битола. Градбата била подигната во 1905 година и со своите архитектонско-естетски карактеристики претставува еден од највпечатливите типови на академизам во битолската градска куќа.
Кај објектот јасно се забележуваат влијанијата на неоренесансата и неокласицизмот, изразени во расчленувањето на фасадната маса, распоредот на отворите, украсите околу истите, како и односот на модулите по хоризонтала и вертикала.
Влијанието на Русија на Балканскиот Полуостров отсекогаш било една од приоритетните цели на нејзината надворешна политика. Тоа влијание постојано се зголемувало, особено во втората половина на XIX век, во периодот кога слични аспирации и стремежи имала и Австроунгарија. Со цел непосредно да ги следи настаните во овој дел на Турција, руската влада издејствувала право од Османлиската држава за отворање на дипломатски претставништва во поголемите градови на вилаетите во Македонија. Така, Русија би почнала да дејствува како противтежа на австроунгарската дипломатија на Балканот.
За прв руски конзул во Битола бил назначен Михаил Александрович Хитрово во 1860 година, меѓутоа дипломатската активност ја започнал во идната 1861 година. По Хитрово, руски дипломатски претставник бил Н. Ф. Јакубовски. За време на Источната криза, од 1875 до 1881 година, со руското претставништво во Битола раководел В. Максимов, а во 1880 год. го заменил вицеконзулот Неага.
Во периодот пред Илинденското востание, руски дипломатски претставник од 1895 до 1903 година во Битола бил Александар Аркадиевич Ростковски. Од сите руски конзули, Ростковски останал како најпознат и најспоменуван во историјата на Битола. Бил познат по тоа што бил во постојан контакт со македонските револуционери и бил отворен критичар на османлиската власт. Во 1903 година, во најбурниот период од османлиската историја на Македонија, Ростковски бил убиен од османлиски стражар во близина на Градскиот парк, на местото каде што денес се наоѓа споменик во негова чест – Рускиот крст.
Рускиот конзулат престанал со работа во 1915 година. Во 2002 година беше обновено руското конзулство. Нов Руски конзулат стана објектот познат како „куќата на Економо“ на плоштадот „Магнолија“. Потоа во 2016 година, Конзулатот се премести во објектот на „Југопластика“, наспроти куќата на Економо. Таму, Рускиот конзулат функционираше сѐ до 2022 година, кога руското претставништво го напушти градот поради политичката состојба за време на Руско-украинската војна. Стариот Руски конзулат, пак, денес претставува станбен објект.