Ески Џамија
Ески Џамија
Ески Џамија

Ески Џамија

Градска Прошетка 369 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Џамијата Сунгур Чауш Беј била најстарата џамија во Битола. Таа била подигната во 1435 година на местото каде што денес се наоѓаат згради со паркинг, наспроти стоковната куќа „Јавор“.
Џамијата била изградена од Сунгур Чауш-бег, еден од војсководците на султанот Мурад II. Се претпоставува дека Сунгур потекнувал од Битола или од битолско и дека како мал бил однесен во Истанбул како девширме (данок во крв). Веројатно е дека тој се покажал како добар војсководец и бил награден од султанот да ја изгради првата џамија во местото од коешто потекнувал.
Џамијата била позната и како Ески Џамија, Атик Џамија и Солак Џамија. Била изградена во селџучки стил, со едно минаре на нејзината лева страна. Се наоѓала меѓу некогашните Житен пазар (на местото каде што е сега „Јавор“ и паркингот пред него) и стариот Дрвен пазар, попознат како Овчки пазар (денес згради и паркче, наспроти Црвен Крст).
За жал, џамијата била уништена со динамит во 1956 година. Меѓутоа, при нејзиното рушење била пронајдена т.н. „Битолска плоча“. Битолската плоча претставува натпис исклесан во мермер, на која на старословенско кирилично писмо се опишува обновата на средновековната тврдина во Битола од страна на царот Јован Владислав. Овој натпис потекнува од XI век и претставува најстариот доказ за постоењето на средновековниот град Битола. Впрочем, на Битолската плоча за првпат во историјата се спомнува денешното име на градот.
Во склоп на Сунгур Чауш џамијата, оваа мермерна плоча била вградена како праг на нејзиниот главен влез. Исто така, се смета дека тука се простирале средновековните бедеми и во близина на оваа џамија се наоѓал средновековниот градски влез на Битола, над чии порти била вметната Битолската плоча.
Денеска ние имаме многу малку податоци во врска со најстарата џамија во градот, но за среќа активно се истражува средновековниот период на Битола. Како најголем поттикнувач на овие истражувања е токму некогашната Сунгур Чауш џамијата.
Сподели: Facebook Twitter