Безистенот е еден од најголемите и најстари објекти во Битола. Со својата грамадност, цврстина и функционалност, тој отсекогаш бил градежен белег и неповторлив украс за Битола. Се наоѓа во центарот на градот, меѓу Саат-кулата и Старата чаршија.
Безистенот бил подигнат од Даут-паша, со дуќани и градски чешми, во периодот од крајот на XV и почетокот на XVI век. Со сигурност се знае дека во 1508 година бил важен дел од чаршискиот амбиент. Даут-паша имал и друг вакаф, во Ускудар, каде тамошната џамија ја одржувал со средствата црпени од киријата за дуќаните од Безистенот.
Безистенот многу рано се стекнал со хуџет, монополско право за продажба текстилни производи. Заради градбата и постојаната стража што ја поседувал, Безистенот рано станал и депозитар. Во посебни делови се чувале и парите од даноците од целиот Румелиски вилает пред да бидат однесени во царската благајна. Поради тоа, Безистенот успеал да се преобрази во магично привлечен објект за грабежи. Во 1646 година го нападнале и го ограбиле група разбојници од Слепче, Могила и уште од неколку други села. Се повела акција да се откријат и да се фатат и во тоа имало успех. Во тој грабеж настрадал и депонираниот данок од Мехмед-ага.
Безистенот бил изграден со многу куполи, четири големи порти и четири ходници. Архитектот намерно избрал повеќе внатрешни ходници, преку кои сакал да ја преслика чаршијата со своите многубројни улички. На таков начин, тој многу вешто и мудро ја избегнал монотонијата на движењето и пазарењето по еден долг ходник. Притоа, архитектот создал една испровоцирана љубопитност, која е вистинска маркетиншка психолошка пропаганда, бидејќи го поттикнува купувачот да истражува, да пребарува, да добива поголема желба за купување и пазарење.
Во текот на своето постоење, Безистенот честопати бил ограбуван и опожаруван, но сепак, цело време бил доградуван и преградуван. И покрај сите внатрешни трансформации, надворешниот изглед на Безистенот останал речиси непроменет. Денес Безистенот е сѐ уште во употреба и во него егзистираат повеќе современо опремени дуќани, но и канцеларии, сендвичари и барови.