Хотелот „Босна“ бил подигнат некаде во втората половина на XIX век и се наоѓал на просторот меѓу Широк Сокак и Домот на Културата, кај тркалезните клупи, паркингот и плоштадот „Гоце Делчев“. Постојат тврдења дека го изградил Абдул Керим-паша, кои за жал не се точни, бидејќи хотелот постоел и во него престојувале гости уште пред тој да стане валија. Еден од тие бил и Спиридон Гопчевиќ, кој во хотелот престојувал во 1890 година, кога тој го носел називот „Хотел Ориент“.
Објектот, според Гопчевиќ, бил солидна градба со убави услови за престој. Имал пространа и широка гостилница и убави скали што воделе кон горниот кат каде биле сместени хотелските соби. Собите биле убаво уредени, а некои од нив имале и балкони. Познат бил по својот црвен салон, завесите и килимите.
Хотелот бил репрезентативна градба со приземје и кат. Во едниот дел имало и дуќани, а на горниот кат еден период, по 1936 година, била сместена Нижата женска гимназија. Објектот служел и како еден од најдобрите ресторани во градот и место каде што се организирале разни свечени приеми.
Хотeлот во своето постоење имал неколку имиња. Освен под имињата „Босна“ и „Ориент“, се среќава и под името „Отоман“. Меѓутоа, останал запаментен под името „Босна“ кое го добил во 1913 година.
Во септември 1939 година на покривот од објектот избувнал пожар. За кратко време пожарот ја фатил целата кровна конструкција и пожарникарите, како и граѓаните, биле немоќни во борбата со пламените јазици. Биле повикани и војници за да помогнат и да го регулираат гаснењето. Благодарејќи на мирното време пожарот не се раширил на околните згради. Изгореле просториите на хотелот, како и училниците на Женската гимназија. Голем дел од робата во дуќаните на приземјето била исто така уништена, додека пак директорката и професорите на Женската гимназија успеале да ја спасат школската архива.
По пожарот, хотелот никогаш не бил обновен. Штетата чинела половина милион динари и никој не се потрудил да го реновира објектот. Последните остатоци од градбата биле отстранети во 50-тите години од минатиот век, за време на првите модернизации и урбанизации на градот.