Куќата на Илија Иванов
Куќата на Илија Иванов
Куќата на Илија Иванов

Куќата на Илија Иванов

Градска Прошетка 394 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Илија Иванов некогаш се наоѓала на аголот каде што се поврзуваат Широк сокак и улицата „Рузвелтова“, на местото каде што денес е полуруинираниот некогашен хотел „Македонија“. Илија Иванов бил Бугарин познат со својот печатарски занает, богатството и со проблемите што ги имал заради парите и националноста.
Илија Иванов бил роден во Плевен, Бугарија во 1883 година. Оттаму заминал во Солун каде почнал да го учи печатарскиот занает и во 1908 година се сретнал со печатарот Ристо Кирјаз кој му понудил работа во својата печатница, а планирал да ја отвори во Битола. Иванов, заедно со своите сестри, се преселил во Битола каде што останува до крајот на својот живот.
Во Битола, Иванов и Кирјаз стануваат побратими и го издаваат весникот „Општинске новине“. Илија тука се запознал со прилепчанката Стефка Чаловска, со која стапуваат во брак во 1914 година, а за негов кум бил ставен Ристо Кирјаз. Стефка доаѓала од многу богата фамилија. Нејзиниот татко, Нуне Чаловски, бил трговец и снабдувач на жива стока за османлиската армија. Со негова помош, Илија Иванов успеал во 1921 година да купи плац на местото наспроти хотелот „Босна“ и да ја изгради оваа своја куќа.
Куќата била со приземје и два ката, од кои првиот бил повисок. На приземјето, Иванов отворил своја печатница, наречена „Просвета“. На првиот кат се наоѓале собите за дневен престој, а на вториот семејните спални.
Во 1926 година, Стефка купила уште еден плац и на него изградиле уште една куќа. Во периодот до 1929 година печатницата „Просвета“ успешно работела. Тогаш започнале проблемите на Илија Иванов заради неговата националност. Таа година тој речиси банкротирал поради измама од страна на жупанот Тодоровиќ. Исто така, често избувнувале штрајкови во неговата работилница под влијание на српската власт. За да не достигне до банкрот и за да го заштити своето семејство, во 1930 година, Илија ѝ го препишал целиот свој имот на својата сопруга. Така на Стефка ѝ припаднале двете куќи, печатницата, машините и магацинот.
Неговите проблеми продолжиле и по ослободувањето кога бил прогласен за „соработник на бугарскиот окупатор“. Измалтретиран од целиот тој притисок што го доживувал, Илија Иванов починал во својата куќа во 1945 година. Во 1948 година неговиот имот е национализиран, а неговото семејство е преселено во друга куќа на улица „Јорго Османо“.
Денес, на местото на куќата на Илија Иванов се наоѓа хотел „Македонија“ кој е изграден во 60-тите години од минатиот век.
Сподели: Facebook Twitter