Куќата на Ароести и Нахмијас
Куќата на Ароести и Нахмијас
Куќата на Ароести и Нахмијас

Куќата на Ароести и Нахмијас

Градска Прошетка 444 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Ароести и Нахмијас е неокласичен објект на Широк Сокак, познат по својата карактеристична, бела фасада и по давидовите ѕвезди исковани на железната ограда на балконот. Градбата се наоѓа веднаш до куќата на Данабаш и до киното „Манаки“ и денес битолчани ја знаат како пицерија „Равена“.
Во оваа куќа живеела фамилијата на познатата еврејска пејачка Сара Ароести. Нејзиното семејство потекнувало од Битола и од Солун. Фамилијата Ароести ја изградила оваа куќа во Битола на почетокот на XX век. По Првата светска војна, дел од семејството се преселува во Солун, а дел во Соединетите Американски Држави. Од 20-тите години на минатиот век до средината на Втората светска војна, во домот на фамилијата Ароести продолжуваат да живеат нивните роднини, фамилијата Нахмијас.
Во Солун, од 1925-1927 година, била изградена Битолската Синагога, односно Кал де лос Монастирлис. Во изградбата учествувале неколку еврејски семејства кои се преселиле од Битола во Солун. Меѓутоа, најголеми донатори за изградбата на оваа синагога биле Ида Ароести и Јосиф Нахмијас. За среќа, таа била заштитена за време на Втората светска војна, и покрај тоа што нацистите ја ограбиле и однеле сѐ што било вредно, вклучувајќи ја и богатата библиотека. Битолската синагога во Солун ден-денес функционира.
Сара Ароести е родена во Вашингтон, САД, во 1976 година. Таа е ладино пејачка, односно е претставник на современата ладино музичка преродба, а нејзината музика е наречена и „феминистички ладино рок“. Во 2017 година таа за првпат дојде во Битола, каде ги посети двете некогашни куќи на нејзината фамилија и Еврејските гробишта. Истата година таа одржа концерт во Центарот за култура во Битола.
Во 2018 година, Сара Ароести се врати во Битола каде повторно одржа концерт. Ден-денес, таа скоро секоја година го посетува градот. Во 2021 година, во овој објект, Сара го сними спотот за нејзината песна „Monastir“, која беше издадена како дел од нејзиниот истоимен албум. Албумот „Monastir“ беше прогласен за „Еврејски Албум на Годината (2021)“.
Сподели: Facebook Twitter