Куќата на забарот Мендоза
Куќата на забарот Мендоза
Куќата на забарот Мендоза
Куќата на забарот Мендоза

Куќата на забарот Мендоза

Градска Прошетка 349 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Мендоза е една од оние градби во Битола кои некогашните сограѓани Евреи ни ги оставиле како неповторливи богатства за градот. Се наоѓа на аголот каде што се спојуваат улиците „27 Март“ и „Добривое Радосавлевиќ“, наспроти објектот на „Стопанска Банка“ АД Битола.
Во овој објект живеел познатиот битолски заболекар Елдад де Мендоза со својата фамилија. Тој бил роден во 1903 година и заедно со својата сопруга Дора и нивните деца Бети и Абнер биле сефардски Евреи. Сефардите, или Евреите кои зборувале ладино јазик, потекнувале од Пиринејскиот Полуостров, односно Шпанија и Португалија. За време на 15 век, еврејското население кое не ја прифаќало католичката вера, било протерано од страна на Инквизицијата. Најголем дел од тие Евреи се доселиле на Балканот, каде што живееле, а некаде и доминирале, сѐ до Втората светска војна, кога биле масовно депортирани.
Во Битола, еврејската популација го имала достигнато максимумот од 10.000 жители. Меѓутоа, меѓу двете светски војни, бројот на битолски Евреи бил само 3000. Поголемиот број битолски Сефарди, пред Втората светска војна, бил сиромашно население, кое живеело од левата страна на реката Драгор, главно во некогашното Еврејско маало. Побогатите Евреи, пак, живееле на Широк сокак и на улиците во близина. Едно од тие побогати семејства било и Мендоза.
Елдад де Мендоза бил дипломиран стоматолог и истакнат заболекар во Битола. Неговиот занает тој го стекнал со школување во Солун и Белград. И во двата града имал шанси да остане, но тој се решил да се врати во Битола и тука да основа своја ординација. Неговите деца, Бети и Абнер, учеле основно училиште во „Француско-југословенската основна школа“, во која наставата се вршела на српски и француски јазик.
Семејството Мендоза среќно и безгрижно живеело во овој објект, сѐ до почетокот на Втората светска војна. Во 1943 година, за време на бугарската фашистичка окупација, Елдад, заедно со Дора, Бети и Абнер, биле избркани од својот дом. Заедно со голема група Евреи, тие биле одведени во битолскиот Монопол, каде што се качиле на воз и никогаш не се вратиле.
Куќата на забарот Мендоза и ден-денес е на истото место како некогаш кога го красела центарот на Битола со својата грациозност, големина и убавина. Како и многу други објекти, таа чека подобри времиња кога ќе ја осветли својата тажна приказна и ќе си го добие заслужениот сјај кој некогаш го имала.
Сподели: Facebook Twitter