„Куќата на Коломонос“ се нарекува објектот во кој некогаш живеела познатата битолчанка Жамила Коломонос пред Втората светска војна. Куќата се наоѓа на улицата „27 Март“, во близина на плоштадот „Магнолија“, денес позната како „Прокредит Банка“.
Жамила Коломонос била родена во 1922 година во еврејско семејство. Нејзиниот татко Исак бил банкар и бил еден од последните директори на „Француско-српската Банка“ (денес објектот на „Стопанска Банка а.д. Битола“, во близина на Саат-кулата). Жамила дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје и станала член на СКОЈ.
Веднаш по започнувањето на Втората светска војна во Југославија, Жамила имала задача да ја организира еврејската младина во Народноослободителното движење. Таа станала член на КПЈ во 1942 година и заминала во илегалство. Во 1943 година Жамила се приклучила кон народноослободителниот партизански одред „Гоце Делчев“. За време на војната била заменик-политички комесар во Првата македонско-косовска Народноослободителна ударна бригада, потоа заменик-политички комесар на Четириесет и втората македонска дивизија на НОВЈ и секретар на баталјонски, бригаден и дивизиски комитет на КПМ.
По Ослободувањето, кога Жамила се вратила во Битола, открила дека само таа е единствениот жив член на фамилијата Коломонос. Нејзините родители, браќа и сестри биле депортирани во Треблинка, а голем број од еврејското население или загинало во концентрационен логор, или во партизани, или пак се иселило. Во Битола живеела кратко со првиот сопруг, партизанот Чеде Филиповски – Даме, кој загинал во сообраќајна несреќа во 1945 година. Потоа, во 1947 година, Жамила се премажила со Аврам Садикарио, со кој живеела во Скопје.
Жамила Коломонос, после Втората светска војна, активно учествувала во КПМ, била претседател на Сојузот на женските друштва на Македонија, претседател на Републичкиот совет на друштвата за заштита и воспитување на децата и активист на подоцнежниот Совет за грижи и воспитување на децата на Македонија. Била прогласена за професор емеритус на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет во Скопје во 1962 година. Носител е на „Партизанска споменица 1941“, „Орден на братството и единството“ и многу други ордени и признанија. Жамила Коломонос почина во 2013 година во Скопје.
Жамила, како подарок од државата за нејзиното учество во НОБ, ги добила куќата на нејзината фамилија и куќите на Асео и Мендоза (кои се наоѓаат веднаш до нејзината). Нејзината куќа ја продала, а другите ги вратила во сопственост на државата.