Фурната на Паско
Фурната на Паско
Фурната на Паско

Фурната на Паско

Градска Прошетка 404 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Фурната на Паско најверојатно била една од најпознатите фурни на Широк сокак, имајќи го предвид фактот дека за битолчани фразата: „Кај Паско“ и ден денес означува добро познат простор. Фурната била основана од браќата Паскови по Првата светска војна.
Браќата Александар, Паско и Никола Паскови биле синови на револуционерот Ристо Пасков. Ристо бил учител во Битолско и соработник на Јордан Пиперката и Даме Груев. Поради својата револуционерна активност, Ристо бил протеран од Битола и со неговиот четврт син Борис избегал во Софија, каде што останале до крајот на својот живот. Постојат и сомневања дека тој претходно формирал друго семејство во Бугарија и дека, всушност, Ристо ги напуштил малолетните Александар, Паско и Никола и нивната мајка.
Тројцата браќа ја изградиле и ја отвориле пекарницата најверојатно во 20-тите години на минатиот век. Потоа Никола Пасков одлучил сам да отвори своја сопствена пекарница во Јени Маале, а Александар и Паско продолжуваат да работат со првата фурна. Објектот бил дводелен, односно во приземјето била пекарницата, а на катот живееле двајцата браќа со своите семејства.
Александар Пасков бил економист и тој се грижел за трговијата, администрацијата и чираците кои работеле во фурната. Во текот на Втората светска војна тој му помогнал на еден пријател Евреин да побегне во партизани за да не го фатат фашистичките окупатори. По ослободувањето, Александар бил вработен во „Жито Битола“, а потоа станал и шеф на сметководство во „Електродистрибуција“ – Битола.
Паско Пасков бил главниот фурнаџија, тој што го месел лебот и кифлите и тој што ги обучувал чираците во фурната. За време на Втората светска војна тој месел леб и за партизаните. Бугарската власт го фатила и го осудила со притворска казна. Колку долго бил во притвор и како го измачувале фашистичките војници точно не се знае. По ослободувањето, фурната продолжила со работа, а подоцна станала и сопственост на „Жито Битола“.
Денес објектот во кој живееле и работеле браќата Паскови сѐ уште постои. Моментално, на местото на некогашната фурна кај Паско, функционира кафе барот „Бариста“.
Сподели: Facebook Twitter