Куќата на Чукалка
Куќата на Чукалка
Куќата на Чукалка

Куќата на Чукалка

Градска Прошетка 387 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Георги Митрев Чукалка бил роден во 1882 година во село Илино, Демирхисарско. Пораснал во Битола во фамилија со многу браќа и сестри. Бидејќи не бил задоволен од тогашната ситуација во Македонија, со братот Глигор во 1901 година заминал за Америка на печалба. Браќата 17 години живееле и работеле во градот Рочестер, во државата Њу Јорк. Доаѓајќи во Битола со парите спечалени во Америка, браќата купиле еден хотел, еден ан и неколку куќи. Една од нив е објектот на Широк Сокак бр. 54, тогаш новоизградена куќа на местото каде пред неа се наоѓала Грчка банка која изгорела во пожар.
Пред Втората светска војна, браќата го реновирале овој објект, но за жал, како и останатиот нивни имот, таа била национализирана во 1945 година. Станбените и деловните простории на куќата биле издавани под наем од страна на државата. Во неа со години живеела фамилијата на Сотир Главинче, познат битолски адвокат, како и фамилијата на познатиот фотограф Димитар Гиновски – Гината. Во дуќаните биле сместени „Електродистрибуција“ – Битола и „Југословенската Лотарија“.
Со новиот закон, во 1959 година истата била вратена во сопственост на браќата Чукалкови. Тогаш, наследниците на браќата, најстарата ќерка на Георги, Василија Тасевска, и ќерката на Глигор, Верка Чукалкова, се вселиле во истата и живееле до крајот на својот живот. Дуќаните од оваа куќа им биле доделени на најмладата ќерка на Георги, Јелица Митревска, и на синот на Глигор, Благој Здравев, познат со прекарот Кусиот. Благој до крајот на животот работел во неговиот дуќан како бербер. Јелица Митревска покасно го продала дуќанот на продавницата за накит „Рубин“. Од нив дуќанот го купил Милчо Талевски кој сега го издава под наем на бутикот „Тудор“.
По смртта на берберот Благој Кусиот, неговите ќерки Мимоза и Ели, дуќанот го издаваат под наем, моментално на фирмата „Мини Пани“. Во делот на Василија Тасевска никој не живее и истиот е во фаза на продажба, додека во другата половина живее ќерката на Благој берберот – Мимоза.
Сподели: Facebook Twitter