Чифте Фурни
Чифте Фурни
Чифте Фурни

Чифте Фурни

Градска Прошетка 447 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Денес во Битола постои една мала населба, позната како Чифте фурни. Името на оваа населба доаѓа од двете фурни кои се наоѓале тука каде што е денес продавницата за велосипеди „Риле Рики“. Токму на ова место некогаш постоеле фурната на Насте и фурната на Богоја.
Името Чифте фурни има турско потекло и буквално би се превело Пар фурни или Две фурни (од турскиот збор „çıft“ што значи „пар“). Во фурните се носел леб што луѓето си го меселе дома, а го печеле фурнаџиите. Исто така, тука се носеле и манџи и зелници кои ги готвеле Насте и Богоја, бидејќи, поради тешките услови, некои посиромашни граѓани не можеле да ги приготвуваат дома.
Фурните се спомнувани во неколку народни песни, меѓу кои е и песната „Фодул Лазо“ во која револуционерот Димче Могилчето со револвер го убил „подуениот“ Лазо пред Чифте фурни.
Објектите биле изградени на крајот на 19 век. Едната од нив имала и подно греење, што било реткост за фурните во тоа време. Според внуката на Насте, Зорица Ивановска, едната фурна била срушена кога „бродот на Тито“ бил пренесуван преку улицата каде се наоѓала фурната. Две недели откако била срушена, Насте починал. Меѓутоа, овој објект претходно бил многу оштетен и буквално бил пред распаѓање. Бил демолиран некаде на средината од 20 век.
Денес е останата само градбата каде што се наоѓала фурната на Богоја. Десно од фурната на Богоја имало продавница, а веднаш зад аголот на оваа продавница се наоѓала и јавна чешма од каде што се снабдувале со вода сите околни улици.
Чифте Фурни и ден-денес го задржа своето име како познат битолски топоним. Тоа е местото каде постарите сѐ уште се потсетуваат на врвулицата од народ кој си земал топол леб. Меѓутоа, тоа е и место каде што младите продолжуваат да се собираат, благодарејќи му на новопоплоченото „плоштатче“ со клупи пред некогашните фурни, украсено со дрвца и цвеќиња.
Сподели: Facebook Twitter