Градбата на аголот југоисточно од Сали мостот била некогашниот хотел „Гранд Америка“. Објектот останал познат по тоа што во него се изведувале претстави, настапувале оркестри и се гледале филмови. Меѓу другото, хотелот е и една од најзначајните градби во историјата на македонската уметност и култура.
Хотелот „Гранд Америка“ бил изграден на почетокот на 20 век. Бил составен од приземје со кафеана, со сцена и кат на кој се наоѓале соби за ноќевање. На почетокот, објектот не бил хотел, туку бил употребуван како Конституционен клуб од страна на Бугарската егзархија, па како театарски објект, а подоцна станал кино сала и хотел.
Објектот се поврзува со два многу значајни настани за градот Битола и за Македонија воопшто. Имено, тој бил посетен од страна на првата македонска театарска трупа „Скрб и утеха“ што ја формирал Војдан Чернодрински околу 1900 година. На 28 септември 1909 година, во објектот трупата ги извела претставите „Семејството на престапникот”, „Македонска крвава свадба” и „Жетва”. Според тоа, едни од најстарите македонски претстави, за првпат на територијата на денешна Македонија, биле изведени токму во овој објект. Својата турнеја „Скрб и утеха“ ја имале започнато во Солун, а од Битола заминале во Скопје.
Некаде по Првата светска војна, градбата била купена од страна на богатиот Темелко Трајков од Цапари, веднаш по неговото враќање од печалба во Америка. Тогаш објектот го добил името хотел „Гранд Америка“. Просторот бил преуреден за хотелиерска дејност. Во 1921 и 1922 година, додека се градело нивното кино на Широк сокак, браќата Манаки своите филмови ги прикажувале на различни места, меѓу кои и во овој хотел. Така, хотелот „Гранд Америка“ станал и еден од првите кино сали во Битола.
Како хотел и како сала за кинопроекции, објектот работел сѐ до Втората светска војна. По ослободувањето, хотелот „Гранд Америка“ бил национализиран и во градбата биле сместени неколку семејства. Денес, објектот се користи од страна на „Мисирли Промет“ за продажба на возила, а во него живеат и неколку сиромашни, социјално загрозени семејства.