Куќата на Чекутковци
Куќата на Чекутковци
Куќата на Чекутковци

Куќата на Чекутковци

Градска Прошетка 379 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Една од најголемите и најубави куќи во Јени маале, во Битола, е и куќата на Чекутковци. Поради нејзините димензии била нарекувана и „гимназијата“. Градбата, од што била толку многу позната, се опејува дури и во една песна. Се наоѓа на улицата „Цветан Димов“ бр. 101.
Куќата била изградена од Илија и Вангел Чекутка во периодот од 1923 до 1924 година. Таа била една од првите електрифицирани градби во Битола. Куќата имала и електрично ѕвонче на вратата. Во неа биле сместени фурна и дуќан на аголот. Објектот има посебни дворни и куќни влезови, со што се дели на два еднакви дела. Едниот дел му припаѓал на Илија, а другиот на Вангел.
Чекутовци се занимавале со земјоделство и трговија, но останале познати како едни од најголемите винари. Тие биле сопственици на голема кафеана во близина, а имале и ниви лозја. Во својата куќа, браќата произведувале вино и ракија, со кои ги полнеле големите бочви во нивните огромни подруми. Виното и ракијата ги продавале и ги служеле во нивната кафеана.
Двата дела на куќата имаат иста конфигурација. До приземјето, кај нив се стигнува низ камени скали, по тесно патче директно од портата. Пред влезната врата се наоѓа првиот дел за одмор, над кој се исправени пар необработени столбови што го крепат балконот и паралелно на нив, се додадени полустолбови. Внатрешното претсобје води до собите за живеење и до полукружно изведените дрвени скали, преку кои се стигнува до горниот кат и до таванските простории. Во објектот се наоѓаат огромните подруми во кои браќата ги чувале бочвите со вино и ракија. Куќата била богато опремена, со убава покуќнина и мебел, како и стари грамофони и радија.
Во 1947 година објектот, како и целиот имот на Чекутковци, бил национализиран. Градбата била претворена во шапкарница и во неа се произведувале капи и шешири. Браќата по неколку години успеале да си ја вратат куќата во своја сопственост, но голем дел од нивната покуќнина била одземена од тогашните власти. Куќата и ден-денес функционира како станбен објект и во неа најверојатно сѐ уште живеат поколенијата на фамилија Чекутковци.
Сподели: Facebook Twitter