Јени Џамија
Јени Џамија
Јени Џамија

Јени Џамија

Цркви и Манастири 373 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Во строгиот центар на Битола, во непосредна близина на Саат-кулата, се наоѓа еден од највпечатливите и карактеристични споменици на градот – Јени џамија. Изградена била во педесеттите години на XVI век, по нарачка на ктиторот Мехмед Ефенди. Затоа, ја среќаваме и како Мехмед Ефенди-џамија. Нејзиниот шесткуполен трем, пак, бил изграден два века подоцна, односно во 1890-1891 година кога бил реновиран објектот.
Оваа џамија е препознатплива по високото минаре украсено со богата сталактитна пластика. Во нејзината внатрешност, пак, карактеристични се релјефната и сликаната декорација, но и украсениот главен портал со керамички плочки од фајанс. Јени џамија е единствениот исламски сакрален објект во Битола кој има ваква декорација. Оваа уникатна творба е изработена на тој начин што фајансните плочки се поставени така, како секоја да ја надополнува претходната и притоа формира еден прекрасен флорален мотив. Интересно е и тоа што цветните мотиви се направени на плочките, а не од нив.
Јени џамија се употребувала како верски објект сé до Втората светска војна. Во 1950 година, објектите на Пекмез-пазар, џамиските гробишта и други градби околу неа биле дислоцирани. На нивно место бил направен парк со шадрван, а Јени џамија била прогласена за споменик на културното наследство. Во 1958 година оваа градба станала уметничка галерија и како таква се користела сé до почетокот на XXI век, кога започнале систематските археолошки ископувања во и околу џамијата.
Поттикнати од народните преданија и желбата за откривање на средновековна Битола, во 2003 година археолозите започнаа со истражување на Јени џамија. Тогаш беа пронајдени остатоци од ѕидови и гробници, па ископувањата продолжија и во наредните години. Притоа беа откриени темели од монументална базиликална градба со четири градежни фази (кои датираат VII - XIV век), но и темели од џамиски објект. Така дознавме и зошто нејзиното име е „Нова џамија“ (yeni на турски значи „ново“). Треба да се потенцира дека паралелно со археолошките ископувања, се одвиваат и проекти за конзервација на движните и недвижните наоди во внатрешноста на Јени џамија.
Сподели: Facebook Twitter